Зад нас е една година промени со кои Македонија ја градиме да биде земја на сите граѓани, истакна премиерот Зоран Заев во излагањето по повод една година Влада на прес конференцијата што се одржа пред споменикот на ослободителите во Скопје.

-Ја кренавме Република Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на пет столба. На столбовите за Економски раст, на столбот – Реформи, на столбот за Услужни институции, на столбот Едно општество за сите, и на столбот на нашите стратешки интереси – Членство во НАТО и Европската Унија. 365 промени во 365 дена. Го променивме економскиот курс на државата. Македонија е земја на економски раст и раст на плати. Повеќе пари одат кај граѓаните, за подобар живот. Спроведуваме коренити и брзи промени и на тој начин градиме држава по европски правила. Се грижиме, за да има квалитетни услуги достапни за сите граѓани, бидејќи секој во Македонија е важен. Носиме промени и ја градиме Македонија како едно општество, едно семејство за сите. Македонија е семејство во кое сите се граѓани од прв ред. Ама сите. И конечно, чекориме заедно и одлучно кон НАТО и ЕУ. Решаваме спорови и при тоа го јакнеме идентитетот. – рече Заев.

Премиерот се осврна и на еконоските политики на владата.

-Промените ги започнавме со мерките од Планот за економски раст. Приоритет што создаде услови за повисоки плати, повеќе пари за подобар живот. Овие мерки добија приоритет затоа што граѓаните го бараа тоа од нас. 90 илјади граѓани денес земаат повисока минимална плата. Најмалку 2000 денари повеќе, секој месец. Просечната плата во Македонија е повисока за 5,6 отсто во споредба со истиот период лани. Со мерките од Планот за економски раст, оваа, 2018 година, е година на финансиска стабилизација на земјата. Во Буџетот за 2018 година определивме 3,1 милијарда денари за програмата за економски развој на земјата. Тоа претставува 46% повеќе од средствата за таа намена во однос на 2017 година. Вкупниот буџет за мерките за поддршка на малите и средни претпријатија изнесува 645 милиони денари или 10,5 милиони евра. – истакна Заев.

Заев се осврна и на проектите од инфраструктурата, псочувајќи дека владата се определила за реални проекти кои го подигаат растот, а не на проекти за споменици и фасади.

-Се градат нови 800 километри брзи и безбедни патишта за кои се обезбедени 270 милиони евра. Коридорот 10 сега е целосен. Се градат железниците од Коридорот 8. Се одвиваат градежните работи за гасификацијата. Граѓаните од 34 општини ќе добијат водовод и канализација и со тоа покриваме 40% од населените места за разлика од досегашните 18%. Тоа е уште една суштинска промена. – рече Заев.

Сработеното на владата во првата година од мандатот е преточено во документот , „365 промени за една година“ кој јавно е овјавен на веб страната на Владата, посочи премиерот Заев.

OhridNews