Рано утринава околу 04:30 часот, премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски на граничниот премин Блаце, заедно со претставници на медиумите ги пречекаа македонските фудбалери кои од Тбилиси слетаа во Приштина, Косово, после остварувањето историски пласман на Европското првенство.
Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација. Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден. – рече Заев.
Премиерот најави дека во името на Владата и на граѓаните, сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.
OhridNews