Зоран Заев денеска изјави дека ќе ја прими ковид вакцината со цел преку личен пример да даде поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19.

Штом биде достапна вакцината во земјава први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, а потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа утврдена од здравствените власти. Потоа како и многумина граѓани ќе се вакцинирам и јас, затоа што сакам со свој личен пример да дадам поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19, рече Заев на прес-конференција во Владата.

Нашата држава, истакна, го следи секој чекор на развој од сите клинички студии за вакцината.

Верувам во безбедноста на вакцината и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне имунитетот на луѓето. Граѓаните треба да бидат спокојни, државата нема да штеди за оваа намена, рече Заев, додавајќи дека верува оти следната година ќе ја сменат целокупната слика за пандемијата во светот.

Преку Ковакс механизмот, информира, обезбедиле 833 илјади вакцини. Дополнителни количини, како што посочи, ќе бидат обезбедени преку директните преговори со компаниите за кои создаваат услови и кои компании ги создаваат вакцините, како и преку Европската унија која ќе обезбеди дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа, надвор од ЕУ.

Западен Балкан ќе биде вклучен во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки, а нашиот сосед Грција интензивно работи да ја добиеме вакцината заедно со останатите европски држави. Понудија помош Бугарија, Полска, и многу други земји, рече Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека на почетокот на јануари ќе стигнат фрижидерите за температура на -70 степени кои ќе бидат донација и ќе бидат дел од веќе постојниот систем на чување и дистрибуција.

Подготовката за прием, дистрибуција и вакцинација се одвива со одлична динамика. Направивме посети на економските оператори кои се нафатија да бидат дел од нашиот систем. Се одзваа сите компании кои работат во системот на чување и дистрибуција на вакцини, има сосем солидни услови, рече Филипче.

Нагласи дека се активни на три полиња за набавка на вакцини. Едниот, како што посочи, е ковакс системот преку кој се набавиени над 800 илјади дози за 400 илјади граѓани.

Денеска на седница на Влада помина информацијата со која УНИЦЕФ се вклучува во помошта во делот на склучување на договорите и транспорт на вакцините до нашата земја од тој прозиводител кој ќе биде одреден од страна на ковакс системот, посочи Филипче, додавајќи дека во петокот разговарале со грчкиот министер за здравство кој укажал дека нашата земја може да смета на дел од првата количина која ќе стигне и ќе биде дистрибуирана во Грција.

Третиот механизам, додаде тој, е преку понудата на канцеларијата на европската делегација кај нас за што имаат интензивни разговори и разговорите кои ги иницирале и се во тек со Фајзер и Астра Зенека како директни разговори и преговори.

Вакцините, потсетува, ќе бидат бесплатни за сите граѓани, а приоритет ќе имаат здравствените работници, постарите граѓани над 60 години и пациентите со хронични кардиоваскуларни и белодробни болести.

Апелирам граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести и бројните дезинформации во однос на вакцините. Вакцините се безбедни, тестирани, ја поминале вообичаената фаза и на развој, тоа се практично истите платформи на кои се развиваат вакцините за сите други болести и секако административната дозвола подразбира контрола на многу процеси во делот на производство и секако клиничките студии. Примарната цел е заштита на населението и пред се намалување на смртен исход од заболувањето со Ковид-19, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање Филипче рече дека засега не се препораува вакцинирање на деца и луѓето кои имаат прележано Ковид и имаат антитела.

OhridNews