Жестоки меѓусебни напади и обвинувања, политички и лични, сериозни несогласувања и бурни емоции. Во ваков стил мина телевизиското соочување на лидерите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ на Телевизија 24, што се емитуваше вечерва.
Запрашан дали за него е прифатлив предлогот на ДУИ идниот премиер да биде Албанец, односно нивниот кандидат за претседател на Влада Насер Зибери, претседателот на СДСМ Заев истакна дека не прифаќа уцени и дека е време ДУИ да оди во опозиција и да се реформира, затоа што, како што рече, предолго е на власт.
- Немам проблем никакво етничко решение, но не прифаќам уцени. Доколку ДУИ уценува подготвен сум да му дадам на господинот Мицкоски 13 пратеници за да состави влада, или тој да ми даде 6 пратеника јас да составам влада, рече Заев, прогнозирајќи победа на претстојните парламентарни избори на коалицијата предводена од неговата партија 55:48 во однос на ВМРО ДПМНЕ.
- Нам може да ни требаат 1 или 2 пратеника, а многумина од вашите веќе ни намигнуваат, реплицираше Мицкоски, најавивајќи убедлива победа на неговата партија. Додаде дека ВМРО ДПМНЕ за разлика од СДСМ е подготвена да коалицира со секој што ќе ги прифати принципите на неговата партија.
Во дебатата можеа да се чујат меѓусебни обвинувања за менаџирањето со здравствената криза, надворешната политика и договорите со соседите, за случајот „Рекет“ и судството, а лидерите на најголемите политички партии не се воздржаа од цинизам ниту при обидот на водителот Младен Чадикоски да издвојат по една позитивна особина кај политичкиот ривал.
Г.М.