Лидерот на СДСМ Зоран Заев при денешната посета на Струга изјави дека СДСМ ќе продолжи да ги објавува „Бомбите“ од проектот „Вистината за Македонија“, доколку до 15-ти септември не биде избран Специјалниот јавен обвинител.

-Ако има Специјален јавен обвинител на 15 септември, тогаш сме исполниле едно поглавје од договорот. Но, тоа не значи само исполнување, тоа значи дека Заев и опозицијата ќе има кому да му ги предадат материјалите. Ако нема кому да ги предадеме материјалите, „бомбите“ продолжуваат и око нема да ни трепне. Пред јавноста ќе бидат обелоденети сите докази кои постојат, изјави Заев.

Заев очекува специјалниот јавен обвинител до предвремените парламентарни избори да го истражи случајот со прислушкувањето, како и да биде покренет обвинителен акт.

-Секако до изборите јас очекувам да паднат првите обвинителни акти, да се донесат одлуки, да се појави Заев и Груевски на обвинителна клупа. Нема бегање ние сме подеднакви со сите граѓани, ако некој се огрешил пред законот има да одговара по закон. Нови амнестии на Македонија не и требаат, секако согласно доказите во постапката, независно јавно обвинителство за што се залагаме на чело со специјалниот обвинител мора да ја истурка оваа работа,што е прв чекор кон создавање независен правосуден систем во земјата. – рече Заев.

Тој одговарајќи на новинарско прашање ја потврди информацијата дека СДСМ излегува од коалицијата „Граѓани за Македонија“.

-Вчера и официјално ги известивме сите граѓански организации за моментот на наше разделување, формално правно, од коалицијата „Граѓаните за Македонија“. Зошто? Затоа што Граѓаните за Македонија беа создадени од неколку политички партии и 83 невладини организации. Опозицијата, еве ја, влегува во Парламентот. На 20 октомври ќе влеземе и во власта. Никаде во Европа, никаде во демократскиот свет, нема заедно граѓански сектор и политички партии, рече Заев.

Тој истакна дека целта на коалиција е постигната и изрази надеж дека и во иднина ќе продолжи меѓусебната соработка.

OhridNews