Лидерот на СДСМ Зоран Заев ги повика граѓаните на солидарност за надминување на актуелната здравствена и економска криза. Во гостуваеето бо емисијата „Утрински брифинг“, Заев рече дека најбогатите треба да дадат најголем придонес за надминување на состојбите.

Затоа кратењето кај тие што земаат најголеми плати е најголемо, а потоа следуваат оние со помали плати. И она што е важно, тоа е предложено во време кога најмалку три месеци ќе бидат одложени кредитите и извршувањата. – порача претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Тој нагласи дека очекува компаниите со најголеми добивки најмногу да помогнат, зошто, како што рече, „ако ја заздравиме државата, тие ќе можат да продолжат успешно да работат.“

Затоа најбогатите на своите плеќи најмногу треба да понесат. Очекувам и побогатите да партиципираат, барем да си ги авансираат своите давачки. Ако сите помогнеме многу поефикасно државата ќе се справи со кризата. – рече претседателот Заев.

Заев рече дека сите што се погодени од кризата ќе добијат поддршка, но нема да добијат помош тие што отпуштиле работници, бидејќи мора да се сочува секое работно место. Додаде дека мора се кратат непродуктивните трошоци, да се скратат платите на администрацијата, посочувајќи дека сите рамноправно и солидарно мора да го понесат товарот од кризата.

Популистите се ориентирани на политички поени и ги отфрлаат ваквите предлози затоа што калкулираат, но некој треба да се грижи за иднината на државата, кога доаѓа тешко време некој треба да ги соопшти и не така благопријатните одлуки, нагласи Заев. Главна цел на мерките предложени од СДСМ е помош за економијата, која се состои од 200 милиони евра за поддршка на работниците, за зачувување на работните места и помош за економијата. Овој пакет мерки ќе се финансира од заштедата и од кратење на непродуктивните трошења. – порача Заев

Според Заев само на овој начин земјата ќе успее да се справи со кризата, бидејќи приходите на државата паднале значително и тоа граѓаните треба да го знаат.

Ќе фалат околу 60 %, граѓаните не трошат, фирмите се затворени, хибернираат, транспортот е преполовен, нема ДДВ, не се плаќаат ниту дел од сметките. Ако тоа не го признаеме значи дека сме само популисти кои ги интересираат само политичките поени. Кратењето мора да се случи секаде. Намалувањето за 60 отсто на приходите значи недостаток на 2,2 милијарди евра за да ги финансираме сите расходи проектирани во Буџетот. И да најдеме 1,2 милијарди преку кредити, сепак ќе треба да скратиме и една милијарда од дома. – истакна Заев.

OhridNews