Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска, повеќе од пет часа даваше исказ во Јавното обвинителство за организиран криминал за случајот „Пуч“ во којшто е осомничен за насилство врз највисоките државни органи, пренесува „Макфакс“.

 

Заев при давањето на исказот на записник поднел кривична пријава против премиерот Никола Груевски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков за кршење на Уставот и законите, кои според него, ја злоупотребиле својата функција и ѝ нанеле огромна штета на државата.

„Со тоа очекуваме дека обвинителството, ценејќи ги сите докази, ценејќи ги изјавите кои се дадени од сите учесници во постапката ќе го прекине процесот којшто се води против Заев, Верушевски и другите две лица и очекуваме да затпочне процес за кривична истрага против Никола Груевски, Сашо Мијалков и други осомничени лица. Од тука се очекува процесот на водење на истрага за евентуален ‘Пуч’ против Република Македонија, да се отвори во правен процес за вистината на Република Македонија“, изјави Заев.

За најавите дека процесот против него наскоро ќе влезе и во суд, Заев вели дека не може да го изненади ништо „ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски и сé е можно“, коментираше челникот на опозициските социјалдемократи. Истакна дека тој и неговите адвокати ги знаат нивните права и максимално ќе ги искористат.

„Овде сме да потврдиме дека ги почитуваме Уставот и законите и да оставиме трага за тоа што се работи во ова време. Конечната одлука е на обвинителот кој ја носи заедно со своите претпоставени, а претпоставени на ова обвинителство се Јован Илиевски баџанак на Мијалков и Марко Зврлевски“, рече Заев.

Кажа и дека вработените од Министерството за внатрешни работ, коишто, исто така, беа обвинети во „Пуч“, а едниот беше и осуден не ги познава. „Начинот на нивното однесување и нивната одговорност е нивно однесување. Апсолутно она што можам да го потврдам е дека луѓето кои ги доставија податоците до мене се патриоти во Македонија пред коишто можам секогаш да се поклонам и да им симнам капа“, смета Заев.

Тој тврди дека изјавата на адвокатот на првоосомничениот во случајот „Пуч“ е спинувана и дека Верушевски пред обвинителството тврдел дека е снимано од Министерството за внатрешни работи и тајната полиција.

На тригодишниата од петкратното убиство кај Смилковскосо езеро, Заев потврди дека се сретнал со родителите на загинатите, но и со роднините на обвинетите. Уште еднаш најави дека сé што имаат за овој случај ќе биде објавено.

„Пред многу време имав средба со родителите на загинатите деца кај Смилковци, но имав средба и со роднините на осудените лица. Апсолутно ги сослушав и можам да кажам дека и двете страни копнеат и трагаат по вистината. Таа вистина што ја има кај нас ќе ја споделиме со јавноста без да навлегуваме во детали на одредени наши ставови во поврзаноста со постапката“, порача Заев.

OhridNews
извор:„Макфакс“