Случајот со апсењето на Љубе Бошкоски по изборите во 2011 година бил политички монтиран, изјави на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Како што пренесуваат националните медиуми, во прилог на тврдењето, тој презентирал и низа прислушувани телефонски разговори меѓу првите луѓе во МВР, Владата и луѓе од медиумите.

-Нормален човек ова не може да го замисли. Од денешните снимки ќе видите какви заложници сме сите ние во сопствената држава. Сѐ е инструирано и диригирано од фамилијата на Никола Груевски за лични цели и одмазда, рече Заев.

Тој истакна дека снимките се доказ дека целиот случај со Љубе Бошковски е политички монтиран и дека се било однапред планирано од страна на директорот на УБК Сашо Мијалков и од министерката на МВР Гордана Јанкуловска.

-Ќе слушнете како Јанкуловска и Мартин Протуѓер, шефор на кабинетот на Груевски, се договараат за тоа што може, а што не може да оди на телевизиите Сител и Канал 5, рече Заев.

Според него, од снимките се гледа дека апсењето на Бошковски било подготвувано, дека сѐ се знаело однапред.

-Слушате за каква злоупотреба на институциите се работи, видовте како преку тоталната медиумска контрола се прават сценарија и филмови од реалноста. Немаат одговорност, немаат срам, немаат ни малку човечност во себе. Видовте какви нелуѓе владеат со Македонија. Но нема да дозволиме да ја сотрат Македонија!, рече на крајот на конференцијата Заев.

 

 
OhridNews