Ветинг за судии и функционери, намалување на јавната администрација, зголемување на платите и пензиите, инвестиции од една милијарда евра, економски раст, намалување на невработеноста, битка за животната средина, посветеност на преговорите за членство во ЕУ… Ова, меѓу другото, го вети мандатарот Зоран Заев во едночасовното експозе на собраниската седница на чиј дневен ред е изборот на новата влада предложена од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, ДУИ и ДПА.
Заев најави големи реформи во правосудниот систем, потенцирајќи дека предметите од СЈО мора да добијат судска разрешница.
Судиите за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети ќе бидат разрешени. Ќе има ревизија на 5 проценти од судските предмети кои ќе бидат селектирани по случаен избор. – најави Заев.
Паралелно со коронавирусот, идната влада ќе спарува и со последиците од ковид кризата. Првична цел е во наредните 6 – 8 месеци да се одржи сегашната минимална плата и да се задржат работните места. Со реформите кои следат целта е минималната плата да порасне на 20.000 денари, а просечната да достигне 34.000 денари, рече Заев.
Планот на новата влада е јавната администрација да се намали за 20 проценти преку предвремено пензионирање, пакети за трансфер во приватен сектор и други мерки, како и зголемување на нејзината ефикасност.
Заев побара цел мандат за да може комплетно да ја реализира програмата, најавувајќи дека во наредните 4 години новата Влада ќе отвори 80% од поглавјата во преговорите за членство во ЕУ.
OhridNews