Денес, кристално јасно е дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, го бранеа и гинеа за македонскиот идентитет. Заедно со граѓаните го остваривме тој вековен сон со меѓународна верификација. И во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што покажаа и другарско и братско разбирање и што им даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за одбрана и заштита на македонски идентитет е од огромно значење за градењето едно и еднакво, заедничко општество – наше општество, автентично, уникатно, граѓанско, сенародно. Овие мостови кои ги градиме се крвотокот на нашата меѓусебна доверба, порача денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето на свечената седница по повод 30 годишнината од независноста на земјата.

Според него, Денот на независноста, 8 Септември, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ги утврдиме нашите стратешки патокази и да трасираме пат за демократски развој, исполнет со меѓусебно разбирање, благосостојба и просперитет. Важни, стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската Унија.

 

Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз – НАТО, и како кандидат за членство и во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија. Ја кренавме Република Северна Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на неколку цврсти столбови. На столбовите за правна држава и владеењето на правото, на столбот за Економски раст, на столбот општество и институции како сервис за граѓаните, на столбот Едно општество за сите. Го зедовме најдоброто наследство од минатото и создаваме држава со сосема извесна европска иднина нагласи во обраќањето Заев.

Денес, кога славиме 30 години од нашата самостојна држава, Северна Македонија е длабоко приврзана кон европскиот проект. Имаме живо и динамично општество, во кое треба секој од нас да вложува за негов постојан развој. Граѓаните на нашата земја се активно поврзани со граѓанските вредности. Тие јасно го докажаа тоа. Делбите и кавгите заради тесно партиски или националистички интереси, или заради интереси спротивни на нашите стратешки определби, никому не му донесоа ништо добро, ниту ќе му донесат во иднина. Затоа ние секогаш ќе бидеме во предност пред било кој што би се обидел да го дели народот, да ги закрвува браќата и другарите меѓу себе, да сее омраза и раздор. Затоа што ние сме за сплотеност и унитарност, за просперитет и иднина. Ние градиме општество каде сите се еднакви и исто вредат, рече премиерот Заев.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби вели дека од денешна перспектива се двоуми за тоа дали 30 години претходно, Албанците, граѓаните Албанци со право не учествувале на референдумот којшто тогаш на државата и ја донесе независноста и сувереноста.

Навистина, Албанците беа и се за независност на Северна Македонија. Но, двоумењето ја создаде можноста за влез во било каков иден сојуз со суверените држави на поранешна Југославија, дејство коешто ние не можевме да го сметаме како опција.  Ова почетничко двоумење со сигурност направија една цела декада да живееме од воени реалности во една заедничка држава, да живееме едни до други, но не и едни со други, да не веруваме едни во други или да ги плашиме граѓаните за политичките придобивки, злоупотребувајќи ги нивните кошмари во функција на нивните агенди, додаде Груби.

Во овие важни моменти на оваа 30 годишнина како независноста, Охридскиот договор, Преспанскиот договор и договорот за добрососедство се темелите на државата. Со целосно полно убедување кажувам дека кој е против нив тој е против државата, истакна првиот вицепремиер. Тој додаде дека егзистенцијалните и суштинските предизвици во овие три децении се надминати со храброста на политичките лидери и со непоколебливата волја на граѓаните.

Денес имаме едно меѓусебно и заедничко природно дејствување во функција на зголемување на животниот стандарт, во борбата против корупцијата и организираниот криминал, на неселективната правда, економски развој, на работни места, на квалитетното здравје и образование, претставување на зелената агенда и крајно исполнување на мисијата на нашата генерација членството во ЕУ, додаде Груби.

Ова 30 годишно минато колку кратко, толку и долго, не научи дека кога заедно ја градиме иднината врз основа на меѓусебното почитување и рамноправност вреднувајќи ги разликите и диверзитетот како можност, а не како пречка, воспоставување на отворен и искрен дијалог, ништо не е невозможно. Заедно сме навистина посилни, порача Груби во обраќањето на свечената седница по повод Денот на независноста.

OhridNews