Скапиот влез во ланците маркети и незаинтерсираноста за соработка со мали производители, беше причината поради која 11 домашни семејни компании одлучија да се здружат и заеднички да ги пласираат своите производи под брендот „Премиум“.

Палетата содржи природно ладно цедено сончогледово масло, намаз од афион со сончогледов путер, ладно цедено масло од бело афионово семе, охридско макало со магданос, доматно макало со лук, сецкан сушен домат, ладно цеден сок од аронија, ладно цеден сок од аронија и грозје, ладно цеден сок од аронија и јаболко, органски путер од лешник со мед и какао, кралски крем, путер од лешник и мед, органски шумски мед, органски шумски мед со полен, органски чаеви, слатко од зелени смокви, гемиџиски ајвар, тартуф, балсамиран оцет од модри сливи и јаболков оцет, како и гроздов маџун, но и има и козметичка линија со повеќе видови рачно изработени природони сапуни.

Овие производи, со врвен квалитет, стопроцентно природни, добиени исклучиво од наши, македонски суровини, засега може да се најдат само во неколку скопски локални продавнички, пиљари и месарници. Потрошувачите можат многу лесно да ги препознаат, зашто се наредени на посебни дрвени полици, специјално направени за оваа намена.

Како што беше речено на денешната промоција, предвидено е наскоро продажбата да се прошири и во Куманово и Охрид.  „Премиум“ производите се речиси двојно поевтини од увезените во нивен ранг.

Засега, нашите производи се достапни само во локални продавници низ Скопје, ги нема во маркетите. Имаме околу десетина „Премиум“ сталажи, а со Акцискиот план се планирани околу 50 и веќе се подготвуваат. Користиме суровина исклучиво од наши, домашни производители. Откупуваме лук, афион, лешник, се што е потребно. Се здруживме пред четири месеци за да го надминеме заедничкиот проблем – застапување пред маркетите. Неопходна ни е логистика, маркетинг, дистрибуција. Претходно продававме секој за себе. Многу е битно и да се нагласи дека овие наши „премиум“ производи не се поскапи од странските. Напротив. Нашиот путер од лешник, на пример, е 260 денари, а италијанскиот или германскиот увезен чини 300 – 400 денари. Маслото од афион исто така, во Словенија, Италија или САД чини 50 – 80 евра половина литар, а кај нас е 2 000 денари, рече Александар Димитриевски, сопственик на компанијата „Био Оил“ каде што беше организирана промоцијата и иницијатор на заедничкиот бренд „Премиум производи“.

Засега во алијансата „Премиум производи“ се мали, семејни фирми од различни региони во државата – Струга, Струмица, Охрид, Ресен, Кавадарци, Битола, но, како што истакнаа учесниците на промоцијата, се очекува зголемување на бројката. Ваквиот пристап овозможи сите овие производители да добијат поголема видливост и присутност во малопродажбата.

Моделот беше препознаен како уникатен и поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Ваквиот модел на заедничка дистрибуција, промоција и продажба на производите е одличен пример и за други домашни бизниси и претприемачи да настапат здружено на пазарот, да додадат дополнителна вредност на производите и да имаат поголема визибилност. Секако, севкупниот процес води до зголемена свест и менување на навиките кај потрошувачите за достапноста и квалитетот на домашно произведените премиум производи, оцени Анета Дамјановска, национален координатор, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија.

OhridNews