Главните протагонисти на легендарната хумористична ТВ-серија „Пријатели“ објавија заедничка изјава по повод смртта на нивниот колега Метју Пери. Имено, другите пет од славните шестмина – Џенифер Анистон, Мет Лебланк, Дејвид Швимер, Лиза Кудроу и Кортни Кокс се огласија во списанието „Пипл“ (People).
Сите сме целосно потиштени. Ние бевме повеќе од колеги-ѕвезди. Ние сме семејство. Има уште многу да се каже, но засега ќе одвоиме миг за да оттагуваме и да ја сфатиме оваа неразбирлива загуба, се вели во заедничката изјава.
„Пријателите“ додаваат дека ќе кажат и повеќе, кога ќе можат и кога ќе дојде време за тоа.
Засега мислите ни се со семејството на Мети, неговите пријатели и сите што го сакаа ширум светот, нагласуваат тие.
Метју Пери, кој го глумеше Чендлер – еден од главните ликови во „Пријатели“, беше пронајден мртов во своето џакузи дома во саботата. Тој имаше 54 години. Истрагата за смртта сѐ уште е во тек. Надлежните во Округот Лос Анџелес потврдија дека обдукцијата е завршена, но се чека токсиколошкиот извештај, и резултатите се очекуваат за неколку недели.
Пред зградата на улицата „Бедфорд“ бр. 90, во Њујорк, САД, каде што Чендлер и неговите „Пријатели“ живееја 10 години, обожавателите оставаат цвеќе, фотографии и пораки за покојниот глумец.
OhridNews
фото. МИА