Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите. Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.

На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Неделата пред Прочка се вика Месопосна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи, а некои ја викаат и Бела недела. Од сирни Поклади што се совпаѓа со Прочка започнува да не се јадат и млечни производи и започнуваат големите, долги седум недели, Велигденски пости што траат до Велигден.

OhridNews