Зачувувањето на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион заштитено од УНЕСКО е битка за  спас но и битка за иднината на Охрид. Ова денеска го изјави градоначаклникот Константин Георгиески на годишнината од 43 сесијата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што се одржа во Баку, Азербејџан, на која претставниците на општината и државата се заложија дека ќе ги преземат потребните мерки по однос на препораките за зачувување на статусот на регионот како светско природно и културно наследство.

Горд сум што во текот на изминатата година успеавме значително да ги поместиме работите од нулта точка, додаде тој. Подвлековме црвена линија и решивме да ставиме крај на самоволието и импровизацијата. Со сите мерки и активности кои ги презедовме и ги преземаме во текот на овој процес ја запираме деградацијата на регионот и ги поставуваме параметрите за заштита и развој на еден долг рок. За прв пат донесовме еден сеопфатен План за управување со природното и културното наследство кои претходните власти требало да го донесат уште во 2009 година. Сите наши заложби во делот на управувањето со крајбрежјето и зачувавање на природното и културното наследство се во насока на имплементација на овој план и во согласност со сите постоечки прописи. – рече Георгиески.

Градоначалникот Георгиески не се согласува со одредени мислења кои се изнесуваат во јавноста дека активностите кои сега се преземаат се во насока на уништување на туризмот.

Напротив. Јас сметам дека со ова ние инвестираме во иднината на Охридскиот регион. Охрид е едно универзално богатство сврстено на листа од 39 такви места во светот заштитени од УНЕСКО. Развитокот на туризмот не е во корелација со поставување на објекти на крајбрежјето од несоодветен материјал и навлегување во водите на најстарото езето во Европа во кое што живеат преку 200 ендемски видови. Ние конечно започнавме да средуваме долгогодишен проблем и да надминуваме состојби кои Охрид не ги заслужува. Мора на сите да ни стане јасно дека таков тип на урбанизација на крајбрежјето повеќе нема да има. – истакна Георгиески.

Притисоци и обиди за влијанија за дивоградбите

Во врска со отстранувањето на бесправно изградените објекти, градоначалникот Георгиески рече дека се работи за процес кој е од голем интерес на јавноста од сите сфери. Процедурата за отстранување на дивоградбите во Општина Охрид била запоставувана со години наназад, не било вршено соодветно санкционирање на прекршителите, а соодветните општински и државни инспекторати не постапувале, додаде тој.

Години наназад не функционирал еден цел систем и затоа ние денес имаме една ваква состојба. Тоа се постапки кои повеќе нема да се повторуваат. Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност со режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските одредби и нема да има никаква селективност во постапките. – изјави Георгиески.

Градоначалникот вели дека има разни притисоци и обиди за влијанија, но никој нема да биде поштеден, ниту ќе  може да избега од законот. Процесот ќе трае до расчистување на последниот бесправно изграден објект, најави Георгиески.

Луѓето пробуваат на наразлични начини да ја избегнат правдата и законот. Има од политички притисоци до лични и секакви, но едноставно тоа нема да успее затао што законот е на нашата страна. – рече Георгиески.

Порака до Мерко: Како функционери имаме обврска да го спроведуваме законот

За разлика од Општина Охрид во оседна Струга која исто така е заштитено подрачје локалната самоуправа не презема никакви дејствија за решавање на проблемите со бесправно изградените објекти и деградацијата на крајбрежјето. Градоначалникот на Струга Мерко вели дека секој треба да си го гледа сопствениот двор.

Постапувањето не е право на избор, тоа е обврска и секој еден јавен функционер треба да постапи за тоа што е избран, а тоа е да го почитува законот. – дециден е Георгиески.

Градоначалникот на Охрид изрази задоволство што во решавањето на проблемите кои се однесуваат за зачувување на универзалните вредности на Охридскиот регион локалната и централната власт имаат поддршка од меѓународната заедница, амбасадорите и релевантни интернационални институции. Тој упати апел до охриѓани да го поддржат целокупниот процес, со цел како заедница да покажеме заеднички дека имаме волја и план да ги подобриме работите и да го сочуваме нашето богатство за идните генерации.

Комитетот за светско наследство пред една година на Охрид и државата им даде дополнителен рок да постапат по барањата на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година за отстранување на опасностите кои го загрозуваат заштитеното светско природно и културно наследство. Ова лето требаше да биде извршена евалуација на сработеното, но поради пандемијата редовната годишна сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО беше одложена и дополнително ќе биде презакажана.

Г.М.