Забраните против пушењето го намалиле бројот на лицата кои се хоспитализирани поради последици од срцев удар, проблеми со белите дробови и слични болести, покажало досега најсеопфатното истражување на оваа тема. За време на студијата спроведена на територијата на САД истражувачите дошле до заклучок дека што построги се казните и забраните против пушењето, тоа има помалку заболени луѓе од болести поврзани со пушењето.

Освен на територијата на САД, оваа студија опфатила и резултати на испитувања работени во Германија и на Нов Зеланд. Бројот на заболени лица опаднал за 15 проценти откако биле воведени забраните против пушењето во канцелариите, баровите и рестораните. За 16 проценти се намалил бројот на хоспитализирани лица од мозочен удар, а за 24 проценти на оние кои имале респираторни проблеми.