Владата на седницата одржана на вечерва,на предлог на Главниот координативен кризен штаб усвои нови мерки за справување со ширењето на коронавирусот.
Меѓу другото, се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини, одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возач. Исто така сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.
Нови мерки на Владата:
1. Се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден.
За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи, со патролни возила да го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“.
2. Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини.
За оваа цел, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.
3. Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена.
За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи доколку е потребно ова правно да го нормира во Уредба со законска сила.
Согласно ова, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.
4. Се препорачува на сите работодавачи во Република Северна Македонија, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.
Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.
Согласно ова, Владата на Република Северна Македонија, на седниците на Владата и работните тела на Владата да разгледува само материјали поврзани со постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија.
5. Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.
6. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.
7. Се задолжува Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство да оствари работна средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување на мерки што треба да се преземат во овој период.“
OhridNews