Советниците упатија апел до надлежните во Македонија пат да и дозволат на општина Охрид, сама со сопствени средства и со постоечката механизација, да го одржува патниот правец кон Галичица, кој неодамна беше затворен.

Апелот го подржува и градоначалникот Александар Петрески кој потенцира дека ваквата одлука која ја донесе Македонија пат е во спротивност со законот за безбедност. – Според законот, патен правец може да затвори единствено полицијата. Патот кон Галичица и Корита не служи само за туристичка промоција на Охрид , туку претставува и реална потреба на граѓаните кои за време на викендите или празниците во голем број го посетуваат ова место, вели Петрески.

Градоначалникот и советниците ги повикаа надлежните во Македонија пат да ја повлечат ваквата одлука.

Патниот правец Р 504 кон скијачкиот центар на Галичица со одлука на Македонија пат беше затворен за сообраќај на 15- ти ноември, во двете насоки за сите видови возила.

Согласно одлуката, прекрасните планински предели на националниот парк Галичица за време на зимата ќе бидат недостапни за граѓаните и туристите, бидејќи  овој патен правец не е на приоритетната листа за одржување на патишта во зима.

Забраната на сила ќе биде до 15-ти март, а проодноста на овој патен правец зависи и од временските услови во тој период.

OhridNews