Спортските риболовци од Охрид ја поздравуваат  одлуката на Владата за ограничување на пловидбата на одделни пловни објекти со моторен погон во Охридското Езеро, со цел спречување на неконтролиран риболов и заштита водите и рибниот фонд во езерото, а пред сé на автохтониот вид охридска пастрмка.


Ако оваа одлука се имплементира ќе придонесе рапидно да се  намали недозволениот риболов, односно рибокрадството на сите видови риби, исто така ќе го спречи и шверцот на риба од Р.Албанија по воден пат-сметаат од спортско риболовниот клуб „Св. Апостол Петар“. Но тие предупредуваат дека доколку со одлуката се ограничува пловидбата само на  пловни објекти со моторен погон, тогаш саканата цел нема да се постигне, затоа што според нив, рибокрадците ги фрлаат и вадат мрежите, со пловни објекти  со веслање  и не употребуваат моторен погон за да не ги слушне никој.


Ограничувањето на пловидбата на Охридското Езеро е поделено во две годишни сезони. Од 01. мај до 31. се забранува пловидба во периодот од 21 до 5 часот, додека во периодот од 01. септември до 30. април, пловидбата на чамците  се забранува од 18.00 до 07.00 часот. Во периодот од 10 јули до 20 август пловидбата се забранува во периодот од 01 до 7 часот. За непочитување на одлуката предвидена е глоба од 2500-3000 евра за правни лица, од 500-1500 евра за трговец поединец и од 300 до 500 евра за физички лица.

Ohridnews