Во иднина организаторите на манифестации или приватни забрани ќе бидат строго санкционирани доколку не го почитуваат законот за заштита и употреба на пиротехника, според кој огномет не може да се прави по 23 часот, предупреди СВР Охрид:

„Во изминатиов период, СВР Охрид има евидентирано зачестена употреба на неовластено приредување на огномет и слични приредби на употреба на пиротехнички средства при што, во целина не се запазени  предвидените мерки за безбедност. Согласно Законот за заштита од експлозивни материи, пиротехнички производи се  експлозивни средства што се употребуваат за огномети, противградни  ракети и други предмети кои содржат прскави состојки со дејство на експлозив и постигнување ефекти на оган, светлина или чад.

Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, палењето ракети и приредување на огномет и слични приредби, мора да се пријават во Секторот за внатрешни работи на МВР на РМ на чие подрачје ке се одржи приредбата најдоцна пет дена пред нејзиниот почеток за огномети од прва категорија за кои од страна на СВР Охрид се издава решение за изведување. За употреба на пиротехника од втора категорија, изведувачот е должен до СВР Охрид да достави писмено известување еден ден пред изведувањето на огнометот. Пријавувачот е должен да ги наведе и спроведе сите мерки на безбедност и да го наведе количеството на пиротехничките средства што ке ги употреби а огнометот да го изведе најдоцна до 23 часот.

Напоменуваме дека со експлозивни материи можат да ракуваат само полнолетни и стручно оспособени лица за работа со тие материи. Тие треба да ги преземат сите пропишани превентивни и други мерки за заштита на животот и здравјето на луѓето, човековата околина и материјалните добра“, се вели во соопштението од охридската полиција.

извор СВР Охрид