Борбата против корупцијата ќе биде без ефект доколку и натаму се толерира нетранспарентното финансирање на политичките партии и нивните изборни кампањи, предупредуваат органзиациите и институциите задолжени за борба против корупцијата. Тие посочуваат дека партиите во Македонија и покрај законските обврски не ги објавуваат сите извори на финансирање и не доставуваат  извештаи за финансиското работе до Државниот завод за ревизија, а сериозен проблем претставуваат и организациите поврзани со партиите кои тие ги финансираат.

– Се претпоставува дека тука се создаваат должничко доверителските односи, тука се создаваат коруптивните односи кои што подоцна влијаат на се, влијаат на тоа како ќе се води политиката, како ќе се води државата, какви одлуки таа ќе носи, дали ќе им дава погодности на одредени сектори во бизнисот. Сето тоа е многу поврзано со финансирањето на политичките партии и на нивните изборни кампањи и тука всушност е зародишот на корупцијата.-вели Слаѓана Тасева од „Транспарентност нулта корупција“.

Нетранпарентното финансирање на политичките партии како можен извор на корупција е проблем со кој се соочуваат сите земји во регионот, но дел од нив веќе ги направија потребните чекори за елиминирање на оваа појава. Во Хрватска партиите не смеат да имаат непознати донатори, имињата на финансиерите јавно се објавуваат без оглед на средствата што ги донирале, а ќе се лимитира и износот на парите за организација на изборните кампањи .

– Најопасна корупција е онаа во која е заробена самата држава и затоа мора да се знае кој стои зад тие донации, за да нема потоа реваншизам, и политичките партии да немаат обврска некому да му враќаат нешто Утре ако на функција дојде нов министер за правда тој да не треба да врши контра услуги за одредени донации.- истакна Дражен Бошњаковиќ, министер за правда на Хрватска.

Измените во македонскиот закон за спречување на корупцијата, според експертите, треба да бидат во насока на сузбивање на корупцијата во политичките партии.  Тие предлагаат да се воведат поостри санкции, а како крајна мерка на партиите кои ќе го прекршат законот за финансирање да им се забрани настап на наредните избори.

За корупцијата деновиве во Охрид расправаа претставници од сите 47 држави-членки на Советот на Европа, делегации на државите од Западен Балкан предводени од министрите за правда, претставници на повеќе меѓународни организации, како и експерти од оваа област.

Г.Момироски