Не стивнуваат реакциите по доделувањето на благодарниците за спасителите на патниците од потонатиот брод „Илинден“. Гестот на благодарност, како што го нарече локалната самоуправа, предизвика револт кај институции и поединци кои сметаат дека општината направила пропуст при доделување на благодарниците.

Меѓу нив се и шест спасители од тетовско Брвеница и Скопје кои се обратија до нашата редакција со забелешка дека општината ги заборавила.

– Не пронајдоа три бугарски телевизии за кои дадовме изјави, а градот Охрид не се ни потруди да не побара. Кажавме и на телевизиите дека не сакаме никакви награди доволна награда за нас се спасените животи на Бугарите, но можеше барем Градоначалникот да не повика и да ни каже барем едно благодарам, ни изјави Дарко Станоевски од Брвеница, кој смета дека направениот пропуст е на штета на општината и градот Охрид.

Реакција овие граѓани упатиле и до локалната самоуправа од каде велат дека е можно да бил направен некој превид, но не од страна на општината,  бидејќи според сведоштвата на спасувачите ваков израз на јавна благодарност заслужиле токму оние на кои им кои им беа врачени благодарници

– Таквите укажувања ги сфаќаме добронамерно, но не би требало една благородна идеја на градоначалникот Петрески да се претвори во кампања на поплаки и жалби. Би порачал, во тој контекст, дека сите оние кои ја искажаа својата пожртвуваност во тој трагичен настан, го направија тоа од хумани побуди за што ние како Општина им благодариме, но сигурно е дека тоа што го направија спасувајќи човечки животи – не го правеле заради некакви награди и благодарници, ни изјави Никола Маневски, портпарол на Општина Охрид.

Најголемата награда за нив е цивилизацискиот однос дека спасиле човечки живот. Тоа е животна награда за сите нив, смета Маневски.

За разлика од укажувањата на поединци кои за момент помислиле дека се обесправени, со резигнација ги отфрламе наводните незадоволства од институции како таа на општата болница од Охрид, бидејќи господата лекари, покрај нашата благодарност за она што сторија пост-фестум, не треба да заборават дека  ја дале Хипокритовата заклетва и дека тие се обврзани први да излезат во пресрет на повреден или болен човек, додава Маневски. Впрочем,  човечно е и должно за нас како општина јавно да се заблагодариме, но од друга страна, сите тие кои учествуваа во спасувањето, човечно е да се запрашаат дали тој хуман гест го правеа и направија заради некаква благодарноница? – изјави општинскиот портпарол Никола Маневски.

Ohridnews