Хепатитисот Ц е проблем на кој сеуште не му е посветено соодветно внимание. Според светската здравствена организација-СЗО, се проценува дека 200 милиони лица односно 3,3% од светската популација, се инфицирани со хепатитис Ц вирусот а 3 до 4 милиони новоинфицирани се регистрираат секоја година. Во Македонија, според податоците на РЗЗЗ, 2% од вкупната популација се проценува дека е заразена од ова болест. – Ова се податоците изнесени на информативно едукативната работилница организирана од невладината ХЕПТА која викендов се одржа во Охрид на тема ,, Еднакви можности во третманот на лицата инфицирани со вирусот хепатитис Ц.
Бројот на инфицирани има тренд на зголемување, но поради природата на заболувањето, честиот недостиг на дијагностички тестови, непријавувањето на заболувањето, тешко се доаѓа до прецизна бројка на заболени во нашата земја.
-Во Р. Македонија хепатитис Ц претставува јавно здраствен проблем. Според досегашните искуства на здружението ХЕПТА добиени како резултат на работа на терен и во контакти со заболените, лекарите и општата популација, главните прашања кои се наметнуваат и бараат итно решавање се дијагностиката и терапијата на хепатитис Ц- смета проф д-р Розалинда Исјановска претседател на ХЕПТА.
Според СЗО хепатитисот Ц е на 10-тото место по основна причина на смртност но и покрај ваквата тежина на болеста и во годината на еднакви можности во системот на здраствената заштита овие пациенти кај нас се доведени во незавидна положба. Дијагностиката не е повеќе на товар на ФЗО, а пациентите за дијагностика во МАНУ плаќаат и по 18 000 денари. Од друга страна на позитивната листа на лекови ги нема медикаментите со кои пациентите би се лекувале надвор од Клиниката за инфективни болести-велат од невладината ХЕПТА. Од таму додаваат дека е неопходно спроведување на законските и декларативните заложби во пракса, дека лицата инфицирани со ХЦВ имаат загарантирано право да се лекуваат, со што би се намалил ризикот од штетни последици по пациентите и целото население.
Вирусот хепатитис Ц, кој го оштетува црниот дроб а се пренесува преку директен контакт со инфицирана крв, е откриен 1988 година. Оваа болест се вика уште и „тивок убиец“ бидејќи е атипична и тешко се открива.
С.В./Г.М.