За Заедницата на единиците на локалната самоуправа, предлогот на Советот на општина Охрид, што доби подршка од Иницијативниот одбор на Советите, за измена на статутот на ЗЕЛС и враќање на Домот на советите како рамноправен орган на заедницата е неприфатлив.
Според претседателот на ЗЕЛС, Андреј Петров, таквиот предлог не одговара на реалноста.
„Ние не можеме да ја враќаме назад старата структура дводомна на ЗЕЛС која скоро никаде ја нема во европските земји. Тоа било во еден систем итака функционирало меѓутоа сега е време во кое надлежностите во најголем дел се сконцентрирани во градоначалниците како извршна власт. Несакајќи да ги навредуваме членовите на советите бидејќи ги сметаме за исклучително значајни ги покануваме на разговор, но тие имаат можност да бидат вклуќени во телата и комисиите на ЗЕЛС“, вели Петров.
Петров смета дека зад ваквата иницијатива всушност се крие незадоволство поради предложениот Закон за надоместоци со кој се лимитира висината на паушалите на советниците.
Претставниците на советите ги отфрлаат ваквите обвинувања на градоначалниците кои според нив преземаат обврски кои се исклучиво во надлежност на советите.
Советот на општина Охрид неодамна најави дека доколку ЗЕЛС, не ги инкорпорира советите на општините рамноправно во неговото работење, а исто така и во органите на управување и доколку не излезе во пресрет на ова барање до 1 септември, прашањето за учество на Советот на општина Охрид во ЗЕЛС ќе биде ставено на дневен ред на првата седница на советот во септемви и ќе донесе конечна одлука за евентуално излегување од заедницата.
Г. Момироски