Наместо реки народ, празнична атмосфера и масовно капење во езерските води, утрово кај градското пристаниште во центарот на Охрид беше тивко и мирно. Охриѓани се одзваа на апелите на Дебарско – кичевската епархија и Општина Охрид, кои поради пандемијата од Ковид 19 се откажаа од организирано одбележување на празникот Богојавление – Водици. Оваа година празникот беше одбележан духовно, со богослужби во црквите.
На местото, пак, од каде се фрла традиционално чесниот крст во осветените езерски води и на ѕидините на Долна порта, утрово осамнаа транспаренти, во знак на негодување кон мерките поради кои за прв пат по 1990 година е прекината традицијата на масовно одбележување на празникот Водици во Охрид.
Сепак, празникот Водици денеска беше одбележан достоинствено во храмовите на Македонската православцна црква во Охрид, а во дворот на црквата Св. Никола Геракомија беше положен чесниот крст кој го фати Никола Чорбе. Верниците со почитување на мерките за заштита од коронавирусо се искапија за здравје во студените езерски води кај Сараиште.
OhridNews