Мерките кои денес ги промовираше СДСМ не се мерки за помош на граѓаните и погодените од економската криза, туку мерки за еднократен поткуп, обвини опозициската ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ мисли дека граѓаните може да ги излаже и да ги купи пред избори со несуштински мерки, кои не даваат резултати, и се само замачкување на очи. Дополнително денеска Спасовски, Ангеловска и другите од владата го ставија стопанството на чекање до септември. Стопанството нема да добие никаква помош. Најтешкиот период од кризата стопанството ќе треба да го преживее без помош. Со ова се отвора ризик голем број на фирми да пропаднат, а илјадници работници да останат без работа или со влошена егзистенција. – велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ укажуваат дека над половина од 33.000 работници во секторот угостителство се времено без работа, голем број на фирми работат со намален обем, а илјадници граѓани со намалени приходи. Според опозциската партија, потребна е итна стратегија за излез од кризата.

ВМРО-ДПМНЕ има пристап за инвестирање и помагање на економијата. Преку активни инвестиции ќе ја стимулира економијата. Силен инфраструктурен бум и засилен влез на странски инвестиции. Царинска гилотина и воведување на рамен данок, со целосно негово спуштање до 8% во текот на мандатот. – истакнаа од ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ со големи разлики за третиот сет економски мерки на Владата

СДСМ: Третиот пакет економски мерки гради нова развојна македонска економија

Владејачката СДСМ го поздрави усвојувањето на третиот пакет мерки од Владата. Според партијата овие мерки обезбедуваат заживување на македонската економија преку директна поддршка и на граѓаните и на стопанството.

Овој пакет мерки гради нова, развојна македонска економија, преку кој се зголемува потрошувачката и се стимулира заштита, промоција и раст на домашната економска понуда. Вкупниот влог во новата развојна македонска економија, преку трите пакети мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5 до 5.5% од БДП и со нив ќе бидат опфатени 730.000 корисници. Ефектите од новиот, трет пакет економски мерки ќе ги почуствуваат сите категории граѓани и многу ресори во економијата. – рекоа од СДСМ.

Според СДСМ со реализација на овој пакет мерки ќе се поттикне приватната потрошувачка на граѓаните, ќе се заштитат но и ќе се создадат нови работни места, особено во секторите кои ќе ја употребат дигитализацијата.

Истовремено ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании на домашно и светско ниво, ќе се активира и помогне домашниот туризам, но и ќе се промовираат нови земјоделски култури и ќе се обезбеди дополнителна поддршка на земјоделците за уште поголем квалитет и обем на домашно прозиводство. Владата предводена од СДСМ се грижи за сите граѓани и за македонското стопанство. – истакнаа од СДСМ.

OhridNews