Подалечната, но и поновата историја на Охрид не памети ситуација како актуелната во градот каде животот непрекинато тече повеќе од седум милениуми. Пандемијата предизвикана од корона вирусот Ковид 19, целосно го промени животот во Охрид, кој вообичаено за велигденските празници е полн со туристи и верници кои ги посетуваат православните храмови. Но, оваа година сместувачките капацитети во Охрид за најголемиот православен празник се празни, поради продолжената забрана за движење на територијата на целата држава, која за празникот Велигден ќе трае цели 85 часа. Полицискиот час ќе започне денеска во 16 часот и ќе трае до вторник во 05 часот.

Оваа година ќе изостанат и масовните собирања во верските храмови, согласно препораките на Владата, кои ги прифати Македонската правослоавна црква. Централната богослужба за Велигден во Охрид оваа година ќе се одржи само во присуство на неколкумина свештеници во Св. Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник, со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј. Настанот ќе биде пренесуван во живо на нашиот портал во соработка со „Мега продукција“.

Директниот пренос од Велигденската богослужба на Плаошник, што ќе започне на 18 април во 23.30 часот, ќе може да се следи на сите онлајн платформи преку паметни телефони, компјутер, смарт тв и други соодветни дигитални уреди на следниот ЛИНК.

Во градот пред велигденските празници е раздвижено. Граѓаните брзаат да ги набават потребните продукти за празничната трпеза. Пред маркетите и месарниците можат да се забележат редици од граѓани, а гужвата во продавниците денеска се очекува да кулминира со оглед дека попладне во 16 часот почнува најдолгиот полициски час во земјата. Поради тоа Општинскиот кризен штаб пред најпрометните места во градот постави редари, кои треба да ја контролираат ситуацијата согласно препораките за заштита од коронавирусот.

СВР Охрид најави дека ќе врши интензивни контроли во текот на претстојниот викенд, кога се одбележува христијанскиот празник Велигден, сѐ до вторник, 21 април, кога на сила ќе биде забраната и посебниот режим на движење на територијата на целата држава.

Контроли ќе се вршат на сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, во викенд населбите, како и на верските храмови, информира Секторот за внатрешни работи Охрид.

Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, предупредува полицијата.

OhridNews