Уставниот суд на Република Македонија ќе ја испитува законитоста на санкционирањето на купувачите кои за купените добра не поседуваат фискална сметка. На последната седница Уставниот суд по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на членот 23 од Законот за регистрирање готовински плаќања.
Според членот 23, став 1 од Законот, ако корисникот на услугата набави добра или користи услуга, а не зел фискална сметка на самото место од страна на инспекторот за сторен прекршок ќе му биде изречена глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност.
За Судот не е спорно дека државата има уставно овластување да ја утврдува својата политика во пазарните законитости, даночната политика и прекршочната сфера и за нивно спроведување да утврдува соодветни мерки. Во таа насока државата има право да цени спрема кој учесник треба да се преземат мерки и какви тие треба да бидат за да се постигнат резултати во сферата на фискализацијата и наплатата на даноците како легитимни цели од јавен и општ интерес. Меѓутоа, тоа во никој случај не можат да бидат мерки што немаат свое оправдување во системот на владеење на правото и имаат за последици санкционирање на граѓаните за дејствие што нема карактер на противправно неморално однесување на граѓаните – учесници во воспоставените пазарни односи.
Со оспорената одредба законодавецот го санкционира купувачот за непоседување фискална сметка.