Со пристигнување на целта на пристаништето во Охрид, денеска беше означен крајот на Проектот за пренуркување на Охридското Езеро, кој беше спроведен од Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски.

Во рамките на овој проект, Секулоски под површината на Охридското Езеро поминал речиси 90 часа и изнуркал должина од 85 километри.

-Во период од околу три месеци изведов 88 нуркања од двете страни на езерото – и од македонската и од албанската. Поттикнат од силната желба да придонесам во деталното истражување на нашиот бисер, секој ден минував, во просек, еден час под вода без разлика дали таа беше седум или 14 целзиусови степени, колку што се движеше минимумот и максимумот во текот на целиот проект. Без разлика на временските услови, мотивот, да се открие што поголем дел од подводното богатство на езерото, ми даваше поттик и инспирација, истакнува Секуловски.

Овој инструктор кој има тридецениско искуство и остварени над 8.000 нуркања, во текот на проектот имал 11 нуркања на длабочина од 30 до 50 метри, шеесет од 10 до 30 и 17 на длабочина до десет метри. Најплиткиот дел од езерото што тој го минал бил 2,4 метри додека најдлабокиот – 48,1.

-Целта на оваа активност, која што истовремено беше секојдневен напор, но и возбудлива авантура каква што досега не се случила во Македонија, беше да добиеме што повеќе информации за флората и фауната во езерото, на карта да ги ставиме непознатите археолошки локалитети, да пронајдеме дел од големиот број предмети што се дел од нашето културно наследство, вели Секулоски.

Тој очекува, оваа активност да фрли едно поинакво светло врз Охридското Езеро со цел да се создаде една поинаква и поатрактивна слика на туристички план.

OhridNews

Фото: „Емилио“

Обновено+Видео: Остатоци од воен авион и потонат брод се пронајдени во Охридското Езеро

Обновено: Акција за чистење на цврстиот отпад од дното на езерото