На почетокот на наредната  година охридските таксисти ќе треба да платат 40.000 денари, за да извадат четиригодишна лиценца за такси превоз. Оваа одлука  ја усвоија советниците на десеттата седница на Советот на Општина Охрид. Според претходните прописи таксистите вадеа лиценца за една година, однапред, која чинеше 10.000 денари. Математички, цената за лиценцата не е променета, но таксистите велат дека  полесно е да  плаќаат  годишна лиценца од 10.000 денари, отколку да дадат 40.000 денари за четири години однапред.

-Со ова одлука во суштина се стимулираат да работат само поголемите такси компании, кои остваруваат поголем промет и имаат можност да платат наеднаш за четиригодишна лиценца. Индивидуалните таксисти сигурно ќе имаат потешкотии околу регулирање на оваа обврска-вели еден индивидуален таксист од Охрид.

На расправата по ова прашање, на десеттата седница на Советот, објаснија дека  одлуката за плаќање на четиригодишна лиценца е донесена врз основа на промена во законската регулатива за такси превозот.

-Порано во Законот за превоз во патниот сообраќај се предвидуваше плаќање на годишна лиценца, но со новите измени во законот, наместо за една, таксистите треба да извадат лиценца за превоз која ќе важи за четири години. –рече советникот Томислав Тунтев во рамки на расправата.

Тој објасни дека, поради Светската економска криза, по барање на охридските таксистит годишната лиценца за превоз, која тие  ја платиле за 2009 година, била намалена за 3000 денари.

-За да немаат поголеми загуби во работењето, Општината годинава им излезе во пресрет на таксистите со тоа што го намали износот на лиценцата, од 10.000 на 7000 денари. Но ова одлука важи само за 2009 година. За 2010 година, според изменетиот  Закон, како што објаснивме претходно, ќе се плаќа за четири години однапред. -вели Тунтев.

Е.Е.