За празникот Св. Никола добив на подарок книга. За мене беше тоа прекрасен подарок со посвета од авторот. Најмногу се радувам кога добивам нова книга, посебно ако е тоа поезија. Книгата носи наслов „Лабинка“ и е прекрасна стихозбирка  во која е преточен целиот  животен век на авторот Благој Г. Кичеец.

Господинот Благој Г. Кичеец е маркантна фигура од охридското културно живеење. Уште како гимназијалец ја манифестира љубовта кон драмското актерство, за да продолжи во почетокот на 1945 година во Агитропот на 48-та Македонска дивизија во Гостивар, каде со познатиот актер и режисер Димче Стефановски ја основал драмската секција на дивизијата. По ослободувањето се приклучил на струшкото драмско студио, а од 1950 година станал член на охридскиот професионален театар каде активно учествувал во повеќе претстави се до укинувањето на театарот во 1954 година. Автор е на книгата „Насолзена завеса“ во која на мошне трогателен начин го изразува својот став за исчезнувањето на професионалниот театар во Охрид.

Стихозбирката „Лабинка“ сведочи за творечките пориви на авторот уште од годините на неговата младост. Во неа се поместени 49 песни и 5 препеви. Неговата поезија е изненадувачки топла и лирска, посветена на најблиските и драги ликови, испреплетена со спомени од детството и младоста, експресивна во сликањето на светлините на Охрид.

Голем дел од стихозбирката авторот и посветува на својата животна сопатничка Венера во која преку песните Вертикала на името, Бисер и Вљубен во една планета и ја дарува сета своја љубов и посветеност, за во песната Последната жица на мојата харфа напишана на неговиот 80-ти роденден да ја опее нестивнатата тага по нејзината загуба.


„Лабинка“ на Благој Г. Кичеец

Низ неговите песни ги препознаваме неговите омилени одредишта Лабино, Плаошник, Месокастро, Дримот, чуновите, езерото. Посебно во неговата поезија е што песните им ги посветил на неговите најблиски, децата, внуците, правнуците, пријателите. Со своите песни тој им дава насока како да се живее, чесно, посветено, со љубов и со самопредавање. Неговата животна филозофија е преточена во песната Животот нема цена во која тој вели:

      На се што денес е живо 
      живот некој му дарил
      Тој долг не може никој да го врати 
      само со љубов животот може да се плати.

Стихозбирката е издадена во 300 примероци кои за жал  не можат да се најдат во продажба за пошироката публика, туку  е испочитувана желбата на авторот книгата да биде подарена. Меѓу привилегираните беше и вашиот репортер, но искрено се надевам дека во најскоро време книгата ќе добие свое второ издание и ќе биде достапна за поширок круг читатели. Топло и од се срце ви ја препорачувам зошто во неа ќе ги најдете вистинските животни вредности.

Јасминка Т. Момироска