Индиски деловен човек кој живее во Дубаи на саботната аукција издвоил повеќе од 8 милиони евра за да ја купи регистарската табличка со бројката 5, и така да ја задоволи својата колекционерска страст, пренесува весникот Gulf News, пишува „Макфакс“.

„Обожувам да собирам уникатни регистарски таблички и многу сум горд што успеав да ја купам оваа на којашто пишува D5“, рекол Балвиндер Сахани.

Додал дека би бил подготвен да плати и повеќе, „да кажеме 50 или 100 милиони долари“, доколку некоја регистарска табличка му „запне за окото“.

Сахани е сопственик на меѓународна компанија за трговија со недвижнини, а се пофалил дека минатата година купил регистарска табличка со бројката 9, за 6 милиони евра.

„Досега собрав десет уникатни регистарски таблички и се надевам дека ќе има уште. Тоа е мојата страст. Оваа со бројката 5 ќе оди на еден од моите ‘Rolls Royce’-ви“, рекол Индиецот.

Весникот Gulf News пишува дека на наддавањето во саботата, коешто се организира секои два месеца, за разни специјални регистарски таблички се натпреварувале повеќе од 300 интересенти. Биле понудени 80 специјални бројки.

Се забележува и дека аукциите на уникатни регистарски таблички станале вистински хит меѓу богаташите во Обединетите Арапски Емирати.

OhridNews
извор: „Макфакс“