По скратениот 38 часовен карантин изминатиот викенд, од денеска забраната за движење се враќа во 19 часот. Така ќе биде до следниот викенд, кој е продолжен поради празникот Први Мај. Се очекува Владата да донесе одлука за зголемен полициски час, по што, според најавите, по празникот треба да бидат соопштени мерките за олабавување на забраната за движење и постепено враќање во нормала на животот во земјата.

Премиерот Оливер Спасовски минатата недела изјави дека Владата подготвува план за олеснување на мерките кои се воведени за спречување на ширењето на коронавирусот Ковид-19, по првомајските празници. Колку, пак, ќе трае полицискиот шас за првомајскиот викенд, ќе зависи од однесувањето на граѓаните во деновите што претстојат.

Се подготвува сериозен план по првомајските празици врз основа на сите анализи, како и на кој начин да ги олеснуваме некои од мерките за враќање на животот во нормала. – рече Спасовски.

Премиерот појасни дека тоа не значи оти веднаш целосно ќе се нормализира животот, туку дека ќе се намалуваат одредени рестриктивни мерки, со одредни насоки како да се однесува населението во наредниот период. Таквиот план значи дека треба сите да се прилагодиме на состојбата и да продолжиме со животот, додаде Спасовски.

Од друга страна министерот за здравство Венко Филипче, на прес конференцијата одржана вчера, искажа загриженост за непочитување на мерките за носење заштитни маски. Тој најави дека на денешната седница на владата ќе биде предложено казнувањето за неносење маска да почне веднаш, а не по првомајските празници како што првично беше планирано. Разлабавување на полицискиот час доаѓа со пакет мерки за лична заштита – задолжително носење маски и одржување растојание. Само така ќе има ефект и резултати. – рече Филипче.

За неносење заштитна маска или друга соодветна прекривка на носот и устата, предвидена е казна од 20 евра во денарска противвредност.

OhridNews