На свечената Академија по повод празникот на заштитникот на градот Св. Климент Охридски, што се одржа вечарва во Центарот за култура „Григор Прличев“, беше доделено највисокото општинско признание, Наградата Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид.
-Во многуилјадното битисување на Охрид, низ неговите цивилизациски пластови свој белег оставиле неимари и војсководци, цареви и освојувачи, владетели и духовни водачи, кои со своите дела ја моделирале вечноста на овој град. Грандиозното и божествено дело на Свети Климент Охридски по својата просветителска, хуманистичка и посебно духовна вредност, ги надминува сите негови претходници и сите негови наследници и е најцврстиот темел за нашата посебност во севкупната човечка цивилизација. Свети Климент е хуманист и просветител, световен човек и светец, зошто … “по целата таа земја растеа диви дрвја, а имаа нужда од облагородени плодови, тој неа ја удости и со такво богатство, пресадувајќи секаков вид питоми и плодородни дрвја и облагородувајќи ги дивите со калемење. Пресветиот Климент го направи тоа, за и на тој начин да ги поучи човечките, словенски души да го примат во себе сокот на благотворението“… ќе запишат неговите ученици во пофалното слово за својот учител, метафорично укажувајќи дека световното и светото преку Свети Климент Охридски се возможни како човечка и божја хармонија во едно. – истакна во својот говор градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Деновие Охрид живее во духот на својот учител, во духот на својот заштитник Свети Климент Охридски. Го славиме најголемиот етичар и хуманист, првиот словенски архиепископ, втемелувач на Охридската архиепископија – олицетворена во сегашната Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Го славиме светителот и просветителот кој со своето дело Охрид го претворил во центар на ширењето на сесловенската писменост и култура, што претставува драгоцен придонес во светското културно наследство. Овој вонвременски великан, човекољубец и просветител ни го подари писмото како основен белег на нашиот идентитет, а на Европа и ја подари суштината и вредноста на и сега почитуваната Светиклиментова школа на хуманизмот, рече Георгиески.
-Македонија и македонците низ столетијата поминале многу премрежја и ветрометини, на кои секогаш одговареле со кроткост, милосрдие и човекољубие. Но, не затоа што е тоа некаква маленкост, помала вредност или потчинетост. Не драги мои. Тоа е затоа што ние сме кротки но одлучни, нежни но цврсти, трпеливи но непоколебливи. Тоа е нашиот генетски запис и културен код всаден од нашиот Свети Климент Охридски, како најдобар патоказ да истраеме низ сите премрежја, падови и воздигнувања . Верувам дека како генерација успеваме да истраеме на Светиклиментовата порака и ќе знаеме истата да ја пренесеме на следните генерации. Нека ни е честит и вековит Светиклиментовиот ден. – истакна во своето обраќање градоначалникот Георгиески.
За прв пат во 21 век, оваа награда се доделува постхумно, на прерано починатиот градоначалник на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски. Тој ненадејно замина од овој свет во декември минатата година. На овој начин, градот му оддава должна почит и заслужено место во современата историја на Охрид.
Во име на семејството на починатиот градоначалник се заблагодари неговата сопруга, Надица Стојаноска.
-Минатата година оваа награда ја доделуваше самиот тој. Оваа година и благодарам на Општина Охрид што оваа награда ја додели постхумно на покојниот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски како оддолжување на неговата несебичност и придонес за развојот и негоговата визија што ја имаше за градот Охрид. – истакна сопругата на починатиот градоначалник Надица Стојаноска.
На свеченоста беа доделени и две повелби „Св. Климент Охридски– Патрон на Охрид“, на Виолета Петкоска, професор по одделенска настава во ОУ „Кочо Рацин“ за остварувања во образованието, како наставник, едукатор, креатор на иновативни идеи и реализатор на повеќе проекти со меѓународна верификација и на Планинарската спасителна служба за успешното етапно реализирање на трансграничниот проект за спасување на планина, со што видно придонесува во збогатувањето на туристичката понуда и безбедно одвивање на разните активности, пред се на планината Галичица.
Свеченоста беше збогатена со пригодна програма, која ја реализираа учениците од општинското средно училиште „Св. Климемнт Охридски“, со која воедно оваа образовна установа го одбележа патрониот празник.
-Гимназијата Св. Климент Охридски со децении е непресушен вруток на знаење, вруток на млада сила која го освојува светот. Имајќи ја како патеводителка Климентовата мисија да се образуваат кадри кои ќе бидатод полза за општеството, охридската Гимназија во ниеден момент не скршна од тој пат. – рече директорката Весна Цветкоска.
Традиционално во рамки на чествувањата на Св. Климент, вечерва во галеријата при центарот за култура беше отворена изложба на Фото клубот Охрид.
Свеченостите по повод празникот на заштитникот на градот Св. Климент Охридски, продолжуваат денеска.
Г.М.