Чистењето на коритото на Црн Дрим во Струга, што е во тек, ќе овозможи подобар проток и намалување на ризикот од поплави. Според направените анализи, проценетата количина на депониран нанос е приближно 14 000 метри кубни кои придонесуваат за намалување на капацитетот на протокот и можност за натамошно таложење што претставува голем ризик од поплавување на населените места.Вкупната должина на делот кој се чисти е 765 метри.

Со чистењето на коритото ќе се подобри пропусната моќ на коритото, ќе се зголеми капацитетот на собирањето на атмосферските води и со тоа ќе се намалат и ризиците од поплави. Завршувањето на активностите во оваа фаза се очекува кон крајот на октомври 2020 година.

Во првата фаза, која беше финансирана од Европската унија преку проектот за Подобрување на управувањето со заштитените подрачја, на почетокот од септември се изврши чистење на делот кај устието на Црн Дрим.

Чистењето на устието и коритото на Црн Дрим е дел од поголем зафат кој ќе продолжи идната година со чистење на старото корито на реката Сатеска со цел да се намали ризикот и штетите од поплавите во регионот, како и да се спречи загадувањето на Охридското Езеро што во последните неколку децении го предизвикува реката Сатеска со носење на наноси кои се штетни за езерото.

Во рамки на проектот е набавена и мониторинг опрема за УХМР која ќе биде поставена во сливот на Дрим и ќе овозможи собирање и размена на податоци со соодветните институции во Албанија.

Проектот се одвива во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, УХМР, Водостопанство на Македонија, Електростопанство на Македонија , Општина Струга, ХЕЦ Глобочица – Струга и повеќе невладини организации.

Проектот е дел од мерките предвидени во регионалниот проект за интегрирано управување со поплавите и ризиците од поплави кој е финансиран од Фондот за адаптација, во кој се вклучени и Албанија и Црна Гора. Проектот се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во сливот на реката Црн Дрим.

OhridNews