Годинава, на 2 август, по повод националниот празник Илинден, во охридското село Елшани за првпат ќе се организира културно-забавна манифестација „Илинденска вечер во Елшани“.

Како што информираат од месната заедница, предвидено е да настапат млади музички таленти, роднокрајни фотографи, културно-уметнички друштва, фолк пејачи, како и патувачки театар од Скопје.  

 

Намерата на организациониот одбор е преку оваа манифестација да го промовира и етаблира Елшани на културната и туристичката мапа на Македонија. Искрено се надеваме и веруваме дека манифестацијата „Илинденска вечер во Елшани“ ќе стане дел од новото лице на Елшани, како и од новата културна програма и понуда на општина Охрид, велат организаторите.  

Манифестацијата е насловена  „Илинденска вечер во Елшани“ поради двата Илиндена 1903 и 1944, во кои активно и пожртвувано биле вклучени многу елшански семејства, како и поради тоа што на овој датум се одбележува и  верскиот празник, Патронот на селото, Свети пророк Илија чија слава ја чествува секое елшанско домаќинство.     

OhridNews