И годинава многу забава, дружење, спорт, совети и награди ветува утрешното издание на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ која ја реализира Црвен крст Охрид во партнерство со Стоматолошки центар Д-р Баткоски.

Овој настан има широко општествено значење и ќе започне во 11 ч. со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од Кеј Македонија- пред х. Палас, а цел на Кеј Македонија-пред Центар за култура Григор Прличев, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.

Настанот ќе започне пред хотел Палас од каде симболично ќе се трча до градскиот плоштад каде ќе започнат да се одвиваат другите спортски активности, како ракомет, фудбал, пикадо, скокање на јаже, вртење со хулахоп… Ќе можат да се вклучат сите со купување на учеснички број со кој ќе можат нашите најмлади дечиња да си остварат и право на подарок од нашиот спонзор Стоматолошки центар Д-р Баткоски. Продажбата на учесничките броеви е во тек преку нашите волонтери, а ќе бидат достапни и на самиот настан. Сакам да нагласам дека собраните средства од учесничките броеви ќе бидат наменети за децата од социјално загрозените семејства во нашите општини Охрид и Дебрца, вели Мимоза Ставрева, секретар во Црвен крст Охрид.

Голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните и оваа година подготви традиционалниот партнер во акцијата, Стоматолошки Центар Д-р Баткоски.

Тимовите на нашата ординација Стоматолошки центар Д-р Баткоски  ќе бидат задолжени за многу содржини од здравствено-едукативен карактер, потпомогнати од нашите спонзори. Ќе има многу забава, изненадувања и подароци, додека за најмладите нивните омилени ликови Стела и Сани, вели доктор Наташа Котевска од Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски.

Од Црвен крст Охрид потенцираат дека учесничките броеви по утрешниот настан треба да се чуваат затоа што следува и извлекувањето на 20 вредни награди, меѓу кои и патување во Ужице, Суботица, викенд во Крушево и уште многу други. Терминот на извлекување на наградите во живо на youtube каналот на Црвен крст Охрид ќе биде дополнително објавен.

Н.С.Ј.