На новинарите им претстои тежок период којшто треба да се издржи, во списоците се наоѓаат луѓето кон кои треба да се испрати завршниот удар, а на најзначајниот производ на Македонската радио телевизија „Без наслов. но со повод, треба да му се стави печат дека е кодошко дувло. Ова е впечатокот на дел од новинарите кои денес се сретнаа со претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев по лустрацијата на уредничката на неделникот Фокус, Јадранка Костова.
На средбата, Аџиев ги уверуваше дека сé што работи Комисијата за лустрација е според законите, а тоа го тврдеше и во изјавата за новинарите што ја даде по средбата со нив. Новинарите се сомневаат дека Комисијата има воопшто разбирање за специфичноста на новинарската професија, а претседателот на Комисијата, Томе Аџиев тврди дека не постои никаков список со имиња на новинари и дека оние кои немале никаква соработка со Службата за државна безбедност „можат мирно да спијат“.
Дел од новинарите во петок напладне се собраа пред зградата на Македонската радио телевизија за да го изразат својот револт од одлуката на Комисијата, за лустрација на Костова. Новинарката Оливера Трајковска која, исто така, работеше на емисијата „Без наслов, но со повод“ беше на средбата со Аџиев и изрази сомнеж дека оваа одлука на Комисијата има цел емисијата да се прикаже како кодошко дувло.
– Јас разбирам дека оваа одлука кон Јадранка Костова е нов удар кон Фокус, но еднакво забораваме дека е обид да се преправи историјата од нешто прилично значајно произведено во оваа куќа, а тоа е обидот на „Без наслов, но со повод“ денеска после толку години, иако ги празнеше улиците и е најзначаен производ на оваа куќа во деведесеттите години од минатиот век, да му се стави печатот на кодошко дувло“ вели Трајковска.
Таа изјави дека на средбата со Аџиев немало никакво изненадување, според Аџиев сé било според Законот, но она што е важно во овој случај, според Трајковска е тоа, дали Комисијата има разбирање за специфичноста на новинарската професија.
„Дали во комисијата за лустрација имаат воопшто разбирање за специфичноста на новинарската професија и оттаму каква е деликатноста кога ги гледаат нашите комуникации од кои може да заклучат било што и притоа во ниту еден момент да не исклучат дека ние можеме да бидеме жртви на разноразни службеници и функционери кои после разговорите со нас може да пишуваат секакви белешки“, додаде Трајковска.
Аџиев, пак, тврди дека јавноста ќе биде сведок дека нема никаков список на новинари, но не исклучува дека ако има нови документи коишто покажуваат соработка со службите, и да се работи за новинар тој ќе биде лустриран.
Комисијата во четвртокот на дневен ред разгледувала четири досиеја и утврдиле соработка кај четири лица. Три од нив биле починати, едното е досието на уредничката на Фокус, Јадранка Костова.
„Лицето за кое беше разгледано досието во четвртокот, соработувало со Службата за државна безбедност, давало информации за одредени лица со кои била во контакт. Исто така, во соработката со Државната безбедност овозможувала контакти со лица под изговор дека ќе се прават интервјуа за емисија на МРТВ со лица надвор од државата заедно со директорот на Државната безбедност на кој му обезбедувала контакт со тие лица. Станува збор за периодот од 1993 до 1996 година“, рече Аџиев.
Претседателот на Комисијата не гледа никаква тенденција во оваа одлука и тврди дека новинарите се третираат како и сите други функционери, без разлика дали тие имаат критички однос кон власта.
OhridNews
извор Макфакс