Во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила за што потрошиле 8,1 милиони евра, открива истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), објавено денеска.

За нови возила, државните институции потрошиле 8 милиони евра во последните две и пол години

Една четвртина од набавените нови возила во 2018, 2019 и 2020 година. се поскапи од 30 илјади евра. Најмногу нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „Пасати“ по 39 илјади евра секој. Сепак, најскапото возило го купило Општина Струга и чинело 66 илјади евра. Средната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра.

Меѓу марките возила убедливо водат „Шкода“ и „Фолксваген“ од кои се купени 100, односно 88 нови возила, односно скоро половина од сите новонабавени возила се од овие две марки. Кај „Фолксваген“ води моделот „Пасат“ со 53 возила, додека половина од набавените возила од марката „Шкода“ се од моделот “Октавија“.

Од фирмите, најголема вредност на договорите имаат „Порше лизинг“ со 3 милиони евра, кумановската „Делукс-ауто“ со 1,2 милиони евра, „Еуроимпекс“ со 890 илјади евра и битолската „Јосифов“ со 720 илјади евра.

Конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила речиси и да не постоела. Дури на 71% од тендерите имало само по една понуда и покрај големиот број дистрибутери на нови возила во земјава. Ова го отвора сомнежот дека државните институции доминантно си купувале такво возило какво што сакале.

Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста, информира Центарот за граѓански комуникации.

OhridNews