Победникот на Интернационалната вечер на фестивалот Охрид фест – Охридски трубадури во 2005 година, Бојан Бјелиќ, ќе настапи за дочекот на Нова година на градскиот плоштад во Охрид, дознава Ohridnews.


– Бјелиќ изрази желба да пее во Охрид бесплатно и  ќе дозолиме да настапи на дочекот на Нова година на плоштадот, затоа што тоа е во согласност со нашиот концепт. Пејачите треба да се натпреваруваат кој ќе пее за Нова година во Охрид, а не кој колку пари ќе даде, изјави за Ohridnews, градоначалникот на Охрид Александар Петрески.


Петрески информираше дека за најлудата ноќ во Охрид ќе има добра забава, и дека на плоштадот ќе настапат познати музички имиња од Македонија, а шанса ќе добијат и охридските уметници. „Нивните имиња ќе бидат објавени идната недела“, најави Петрески.


Во меѓувреме продолжува украсувањето на Охрид за претстојните празници. Годинава подготовките за дочекот на Нова година во градот започна доста порано, а покрај центарот на градот ќе бидат украсени и улиците во внатрешноста, со цел Охрид да се претстави во најдобро светло пред посетителите, додаде Петрески.

Г. Момироски