„Во првата недела од ловот на пастрмка за потребите на вештачкиот мрест на охридска пастрмка се собрани околу пололовина тон икра што во споредба со други години е охрабрувачки резултат“, изјави денеска во Охрид министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеноски, кој лично присуствуваше на мрестот на пастрмката.
Со средствата што годинава ги издвои министерството за земјоделство за заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро и формирањето на рибочуварската служба целта е да се врати охридската пастрмка на соодветно ниво, рече Спасеноски. Тој информираше дека министерството е во постојан контакт со авторитетите во Албанија околу преземање заеднички мерки за интергранична заштита на рибниот фонд, како и дека до крајот на годината ќе бидат применети и специјалните мерки на заштита кои вклучуваат видео надзор и радарска контрола на Охридското Езеро.
Министерот во разговор со експертите од Хидробиолошки
Во врска со концесионирањето на Охридското Езеро и другите водни ресурси, Спасеноски рече дека најосновно е да се утврди состојбата на рибниот фонд и да се направи план за стопанисување врз што ќе може да се донесе одлука кои реки и езера ќе може да се дадат под концесија. „Притоа ќе бидат пропишани соодветни услови согласно новиот Закон за рибарство и аквакултура, бидејќи концесијата не подразбира само излов туку и начин на одржување на рибниот фонд“, рече Спасеноски.
потребни се 3,5 милиони икри за вештачкиот мрест
Оптимизам дека годинава може да бидат собрани потребните 3,5 милиони зрна икра потребни за успешно спроведување на вештачкиот мрест на пастрмката, изрази и раководителот на процесот за спроведување на мрестот при Хидробиолошкиот институт, Зоран Спиркоски. „Евидентно е дека сега имаме природни мрестови на пастрмката долж брегот на Охридското Езеро, што не е забележано во последниве 12 години“, рече Спиркоски. Тоа сепак ќе зависи и од временските прилики, кои не се најповолни, додаде Спиркоски. „Да се претскажува дали ќе бидат собрани потребните количества икра малку е ризично, но ние се надеваме дека ќе го оствариме тоа“, рече Спиркоски.
м-р Зоран Спиркоски
Риболовот на пастрмка за потребите на вештачкиот мрест ќе продолжи и во наредните денови. Изловените матици се молзат во специјални услови на бродот на Хиидробиолошкиот институт на кој е инсталирана соодветна опрема за тоа, а по вештачкото оплодување икрата се чува во посебни услови во мрестилиштето на Хидробиолошкиот институт каде се развива.
Горан Момироски
фото: Васко Бујароски