Охрид интензивно се подготвува за одржувањето на форжумот на НАТО кон крајот на јуни. Во градот се подобрува инфраструктурата, а хотелите се подготвуваат да примат околу 1000 учесници, придружен персонал и новинари.

До почетокот  на форумот  на НАТО, што ќе се одржи кон крајот на јуни, патот од  охридскиот аеродром до х. Метропол комплетно ќе биде осветлен, влезот на Охрид кај клучката ќе биде уреден со ново зеленило, исто и како потегот од Билјанини извори до Свети Стефан. Главната градска сообраќајница, бул. Туристичка делумно ќе се прошири и асфалтира, ќе биде извршено осовременување на инфраструктурата и промена  на вертикалната сигнализација, а ќе се   уредат  и пристаништата, зелените површини и културно историските локалитети.


Туристичка се дотерува!

На нешто повеќе од два месеци до најголемиот политички настан што некогаш се случил во Македонија, преземените обврски градот ги реализира според предвидениот план, велат од локалната самоуправа. Во мементов  интензивно се работи на санирање на делови од булеварот туристичка, се врши промена на осветлувањето, оградите и зеленилото од сообраќајницата. Од локалната велат дека уредувањето на инфраструктурата надвор од градот е во надлежност на државата, и дека општината може да помогне само доколку и се обезбедат средства.

Согласно програмата за работа и согласно буџетот ние сме ограничени со средства и ќе треба за сите работи што ќе ги реализираме а се надвор од предвидениот буџет, владата да донира средства, ни изјави Зоран Шикалоски, од одделението за комунален развој и сообраќај.

Нато форумот ќе биде вистински тест и за охридските хотелиери. Тие ќе треба да примат 800 официјални гости, функционери и друг придружен персонал од  НАТО. Настанот ќе го следат и повеќе стотини новинари од земјава и светот. Тука ќе бидат присутни најмоќните медиумски куќи како Си-Ен-Ен, Би-Би-Си, Ројтерс и други, што ќе биде извонредна можност за поширока промоција на Охрид. Гостите ќе бидат сместени во повеќе хотели на ривиерата, а работниот дел од форумот ќе се одржи во хотелот Горица каде забрзано се гради новата пленарна сала за 400 гости во која ќе има специјална кујна која ќе ја контролира НАТО. Новинарите ќе бидат сместени во посебен дел кој физички ќе биде одделен од пленарната сала.

Подготовките течат  според планот.  Убедени сме дека она што го преземаме и ние и градот успешно ќе се заврши  и верувам дека ќе бидеме пример како понатака да преземаме и други одговорни работи, ни изјави Климе Ристески, хотел менаџер во “Горица“.

Посебни барања од организаторите нема, вели Ристески. “Ние и онака без најавата на форумот имаме активности за да создадеме еден елитен туризам, а ова ни дојде како благодет  можеби предвреме да ги направиме потребните работи“, вели Ристески.


На „ИНЕКС“ се работи интензивно

На форумот покрај генералниот секретар на алијансата Јап Де Хоп Шефер, се очекуват бројни други високи гости од 49 земји од светот, меѓу кои најверојатно ќе биде и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Тоа ќе биде голем тест за македонските безбедносни сили, а според најавите за сигурноста на гостите ќе се грижат 5000 полицајци. За време на одржувањето на НАТО форумот во Охрид ќе важи посебен режим на сообраќај, а ќе бидат превземени и дополнителни безбедносни мерки кои се во рамките на протоколот што неодамна го потпишаа Владата и НАТО.

Викендов министрите за транспорт и врски и за внатрашни работи, Јанакиевски и Јанкуловска во хотелот “Горица“ остварија средба хотелиерите и со претставници на локалната самоуправа, на која биле утврдени насоките на понатамошно делување. Договорен бил интензитетот на подготовките кои треба да завршат кон средината на јуни. Од 20 јуни хотелите каде ќе бидат сместени гостите нема да примаат резервации и комплетно ќе бидат ставени во функција на НАТО форумот.

Г. Момироски