Кризата која ја тресе Грција нема да има големо влијание на туризмот во Македонија, но потребно е земјата да преземе итни мерки за ублажување на последиците од економската криза која сеуште силно го тресе туризмот, сметаат експертите и претставниците на државните институции и локалната самоуправа, кои во Охрид учествуваа на трибината “Претприемаштвото како фактор за развој на туризмот”, што денеска се одржа во Охрид.

– Се надевам дека Охрид и Македонија многу брзо ќе се приспособат на новите промени кои што се случуваат пред претстојната сезона и ќе одговорат со активности што ќе значат придобивање на повеќе туристи, истакна професор д-р Сашо Коруноски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.


Тој посочи дека во таа насока е потребно да има консултации помеѓу општината, туристичките работници и ФТУ Охрид како институција која што може да понуди стручни совети во тој поглед.

Турболенции има особено со случувањата во Грција, но сега е моментот да се одговори на тие турболенции, бидејќи никој не помислуваше во јануари-февруари дека ова ќе се случи, дури и самата ЕУ е изненадена од овие случувања и не е доцна сега да се прилагодиме. Секоја мобилност е добредојдена, бидејќи во Грција сега се случуваат состаноци на кои се договара што треба да се преземе и истото треба да го направиме и ние, подвлече Коруноски.


Дончо Танески од Хотелската асоцијација на Македонија истакна дека успех мора да се бара преку заеднички залагања на политичките субјекти на сите нивоа, за преку здружување на знаења и средства, со атрактивен маркетинг и промоција да се избори добра летна сезона.

Важен сегмент за турзмот како бранша секако е и патната инфраструктура. Доколку не се завршат проектите за автопатно поврзување на Охрид, Струга и останатите туристички региони, во иднина се повеќе ќе се бележи намалување на бројот гости од опкружувањето, предупреди Танески.


Според директорот на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот, Зорам Стрезоски,  македонските туристички центри треба да ги следат состојбите и трендовите во туризмот во регионот и од аспект на понуда и од аспект на цени и мора да  покажат исклучителна сензибилност за оваа сезона да биде успешна.

Исчекор во туризмот може да направиме заедно сите и локалните самоуправи, државните институции и туристичките работници, рече Стрезоски.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески очекува и покрај силните ефекти од кризата претстојната туристичка сезона да биде успешна.

-Можеби ќе има помал ефект од конгресниот туризам но имајќи ги предвид состојбите очекувам вкупните резултати да бидат добри, рече Петрески.


Димитар Ристески директорот на ЕБА истакна дека Македонија  дополнително треба многу повеќе да вложува во туризмот за негови развој.

– Допрва треба да се инвестира во инфраструктура, подобрување на сместувачките капацитети, траснпортни решенија како да се донесат странските туристи во Македонија и слично, истакна Ристески

На трибината во Охрид што ја организираа Европската бизнис асоцијација (ЕБА) и Локалната самоуправа се дискутираше за поттикнувањето на активностите кај малите претприемачи и бизнисмени за развој на туризмот.