Демократска Република Македонија и Независна Република Македонија се прифатливи решенија од пакетот на последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц, јавија попладнево националните телевизии повикувајќи се на неименувани извори во Владата на Македонија.

Најновиот предлог на медијаторот во спорот за името, Метју Нимиц засега е тајна, но грчките медиуми денеска пренесоа дека Нимиц предложил пет варијанти за името на Македонија: Република Нова  Македонија, Република Горна Македонија, Уставна Република Македонија,  Демократска и Независна Република Македонија.

Премиерот Никола Груевски денеска во изјава за медиумите не откри детали од предлогот на Нимиц, но не ја отфрли можноста за решавање на спорот со името да одлучувава, како што рече народот, што упатува на можноста од  организирање на референдум.

Опозицијата денеска побара да биде запозната со предлогот на Намиц и повика на мудрост. Премиерот Груевски најави дека ставот на владата по повод предлогот на Нимиц ќе биде познат најдоцна до петок. Груевски, како и политичките партии во земјава го осудија синоќешниот инцидент во Скопје кога група демонстранти со камења ја нападнаа грчката амбасада.

ohridnews