Граѓаните на општина Охрид во иднина ќе издвојуваат дополнително од 40 до 70 денари месечно за јавна чистота. Ова се предвидува со одлуката за давање согласност на одлуката за измени и дополнување на одлуката за утврдување на цените што ги врши  ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид, што советот во непотполн состав ја усвои на продолжението на шестата седница.

На гласањето на оваа одлука не присуствуваа советниците од ВМРО ДПМНЕ, кои потоа реагираа дека биле изиграни од мнозинството. Претходно координаторот на оваа советничка група, Борче Стефаноски, реагираше на предлогот за новите цени на комуналните услуги.

-И досега имаше јавна чистота и се  издвојуваа средства од буџетот на локалната самоуправа, а сега ова е дополнителен трошок на секој граѓанин, бидејќи треба да плаќа дополнително средства  покрај тие за изнесување на сметот, рече Стефаноски.

Од ЈП „Охридски Комуналец“, објаснуваат дека измените во плаќањето на комуналните услуги кои во иднина ќе се вршат преку две сметки, се обврска која произлегува од законот за јавна чистота.

– Согласно законот за јавна чистота донесен од Парламентот , советите на општините мора да утврдат цена за одржување на јавната хигиена и лицемерие е ВМРО ДПМНЕ која го изгласа тој закон  да се повикува на некакви дополнителни трошоци, велат од ЈП „Охридски Комуналец.

Од Комуналец објаснуваат дека цената на услугите за јавна чистота согласно законот се утврдува во зависност од уреденоста на земјиштето, условите и активностите за одржување на улиците кои во Охрид се категоризирани во четири групи. За нивно одржување ќе се плаќа 40, 50, 60 и 70 денари, што во овој момент се најниски цени во државата за одржување на јавни површини, посочуваат од „Комуналец“.

Ohridnews