Проектот за реконструкција на кејот во Охрид е испратен во УНЕСКО, а од одговорот што ќе го добиеме ќе зависи реализацијата на овој значаен проект. Ова на советничко прашање го изјави градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, на седницата одржана вчера.
Георгиески истакна дека причина што до сега на општината не и се одобриле средства за реализација на проектот за реконструкција на кејот била тоа што таа немала мислење од советодавните тела на УНЕСКО.
Проектот за кејот минатата недела е испратен во УНЕСКО, независно што имаме ние правосилно одобрение за градба и стратешка оцена на влијанието врз животната средина. Проблемите што ние ги имаме со УНЕСКО се поради недостаток на комуникација. Години државава наназад немала никаква комуникација со УНЕСКО и нивните советодавни тела. Информациите коишто стигнувале во УНЕСКО биле од „Охрид SOS“, „Фронт21/42“ и такви слични организации коишто не дека се нерелевантни, меѓутоа не се целосно точни и нашите напори во однос на тоа прашање е да се нормализира таа комуникација и перманентно да ги доставуваме информациите коишто ги имаме во однос на прогресот. Ние во понеделник имаме состанок во Париз со претставници на УНЕСКО, тоа е првиот „прогрес рипорт“ да кажеме што до сега имаме постигнато и очекуваме таму да го слушнеме нивното мислење во однос на проекот за кејот. Мислам дека доколку и од таму добиеме зелено светло и нема забелешки конечно ќе ни биде одобрен од Светска банка и ќе пристапиме кон реализација. – изјави градоначалникот Георгиески.
Г.М.