За официјална Атина името „Република Северна Македонија“, што на маса го ставил медијаторот Метју Нимиц, е прифатлив предлог. Ова како што пренесуваат националните агенции, го оценил грчкиот амбасадор во Вашингтон Алкександрос Маљас, зборувајќи на конференција за американската политика на Балканот.
„Најпосле во преговорите со Скопје околу разликите за името на северниот сосед на масата е ставен добар предлог“, изјавил Маљас, на конференцијата „Довршување на американска мисија на Балканот“, одржана синоќа во влијателниот невладин Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) во Вашингтон.
На конференцијата учествувал и македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски.
Дел од Македонските медиуми денеска шпекулираат дека преговорите за името помеѓу Македонија и Грција ќе продолжат во јуни и дека под притисок на меѓународната заедница спорот има добри изгледи да се реши до крајот на оваа година.
Македонскиот државен врв во изминатите неколку дена јасно стави до знаење дека е подготвен да преговара за постигнување разумен компромис кој нема да задира во идентитетот на нацијата, јазикот и културата.