Смртните случаи поврзани со коронавирусот во Африка се зголемија за 43 проценти за само една недела, соопшти Светската здравствена организација, јави ДПА.

Зголемувањето на бројот на случаи со Ковид-19 е најбрзо што е регистрирано на континентот, рече регионалниот директор на СЗО, Мачидисо Моети. Недостатокот на машини за кислород и слободните места во единиците за интензивна нега се главните причини за брзиот раст, додаде таа.

Ова е јасно предупредување дека болниците на континентот го достигнале својот максимален товар, нагласи Моети.

Според СЗО, стапката на смртност од коронавирус во Африка е 2,6 проценти, додека светскиот просек е 2,2 проценти.

Најголем број на смртни случаи има во Намибија, Јужна Африка, Тунис, Уганда и Замбија.

Комитетот за итна помош за Ковид-19 при Светската здравствена организација, пак, ја предупреди меѓународната заедница дека најверојатно ќе се појават и ќе се шират нови, поопасни мутации на коронавирус низ светот.

Комитетот предупреди за голема веројатност од појава и глобално ширење на нови и евентуално поопасни мутации на Ковид-19, кои можат да бидат уште потешки за контролирање.

OhridNews