Во рамки на Проектот за собирање на отпадни масла на територијата на Општина Охрид, што го реализира Секторот за урбанизам и заштита на животна средина при Општина Охрид за една година собрани се околу 13 тони искористено масло за јадење и отпадни машински масла.

Овој проект  се реализира  во соработка со фирмите „Суниленс“ од Скопје и „С-Игор“ од Кичево кои засега во нашиот регион се единствени овластени од Министерството за животна средина за собирање на отпадни масла.

Како резултат на взаемната соработка и склучените договори меѓу „Суниленс“ и охридските хотели, ресторани и сендвичари, заклучно со месец јуни собрани се околу осум тони искористено масло за јадење кое после одреден третман се користи како суровина за биогориво и се извезува во Австрија.

Како овластен собирач на отпадното масло од индустријата кое се третира како опасен отпад се јавува фирмата „С-Игор“ од Кичево која исто така има склучени договори со охридски фирми и која во изминатите шест месеци од територијата на Општина Охрид има собрано околу пет тони  отпадни масла.

Задоволството од соработката изразуваат и фирмите откупувачи кои оперираат на територијата на општината.

– Сакаме посебно да истакнеме дека од страна на Општина Охрид-Секторот за урбанизам и заштита на животна средина добивме најголема поддршка која придонесе и количините на собраниот отпад за овој период на работа да биде во највисок пораст во однос на другите општини – истакнуваат од „Суниленс“.

Проектот за собирање на отпадни масла континуирано продолжува и Општина Охрид апелира до сите создавачи на отпадни масла согласно законските прописи да склучат договори со овластените откупувачи бидејќи овој отпад е голем загадувач на животната средина и неговото собирање е од исклучително значење за зачувување на чиста и здрава животна средина на подрачјето на охридска општина.

Проектот за собирање на отпадни масла започна да се реализира од 1-ви јули минатата година и според ефектите што се постигнати  општина Охрид се посочува како пионер и пример во собирањето на отпадни масла на ниво на Македонија.

OhridNews