Четиринаесет последователни земјотреси со јачина од 4,5 до 6,1 се регистрирани вчера во североисточна Јапонија, објави интернет страницата на службата за Геолошки истражувања на САД, пренесеува „Макфакс“.

Најмоќниот земјотрес со магнитуда којашто првично беше означена со 6,5, но подоцна  ревидирана на 6,1 степени по Рихтер, е регистриран половина час по полноќ по македонско време. Хипоцентарот на земјотресот бил на длабочина од само 5.9 километри, а епицентарот на 109 километри од градот Сенади, односно 163 километри од провинцијата Фукушима којашто најмногу настрада од разорниот земјотрес на 11-ти март.

Во катастрофалниот земјотрес кој имаше магнитуда од 9,0 степени по Рихтер проследен со цунами чиј ударен бран имаше височина до десет метри, според најновите податоци на јапонската полиција бројот на загинати ја надмина бројката од 11 илјади, додека околу 17.399 луѓе се водат за исчезнати, што најверојатно ќе го заокружи трагичниот биланс на повеќе од 28 илјади жртви.

Истовремено, бројката евакуирани жители кои живеат во прифатилишта изнесува 243.049 луѓе.

Според последната статистика, целосно уништени се 19.814 објекти, од кои дури 12.400 објекти се срамнети со земјата само во префектурата Ивате. Во морето се потопени 1.165 илјади домови, а целосно се опожарени 148 објекти.

Предизвикано од катастрофалниот земјотрес на 11-ти март цунамито коешто го зафати североисточниот брег на Јапонија во морето повлече 247 бродови, бродчиња и други пловни објекти. Повеќето од уништените од цунамито и повлечени во океанските води пловни средства се мали рибарски бродови и чамци.

OhridNews
извор: „Макфакс“