До крајот на идната недела се очекува да се постигне договор околу идната влада, во која би партиципирале ВМРО-ДПМНЕ и партиите од нивната коалиција и коалицијата Вреди. Според првиот човек на Алијансата за Албанците и гостиварски градоначалник Арбен Таравари меѓу нивните работни групи владее позитивна атмосфера. Во понеделник тој очекува тие да излезат во јавноста со заедничка програма, а до петок да имаат завршен договор за нова влада.

Првата средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди се одржа во четвртокот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но нема информации дали тие вчера повторно се сретнале. Во јавноста веќе се лиферуваат неофицијални информации за поделба на министерските ресори, за имињата на новите министри, како и за тоа дека конститутивната седница на Парламентот би можела да се одржи на 27 мај.

Во меѓувреме Управниот суд вчера одлучуваше по седумте тужби од Европскиот фронт за решенијата на Државната изборна комисија за прегласување во седум избирачки места. До синоќа до 22 часот Судот одби три од седумте тужби. Доколку има прегласување, тоа би се одржало во среда на 22 мај.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски и членовите на ДИК Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш Демири вчера преку соопштение изразија загриженост за, како што велат, настаните кои во јавноста се продуцирани од изјави на политички партии и носители на високи владини функции, кои се однесуваат на работата на ДИК за постапувањето по приговорите за парламентарните избори.

Ве известуваме дека покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерени јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК, се вели во реакцијата.

Следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, како што наведуваат, исто така сме загрижени и дека е можно да преминат и во лични напади на нашата сигурност.

Ве известуваме дека ДИК во целост професионално, транспаретно и само врз основа на закон ги спроведе изборите што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори. Исто така и покрај сите непријатности кои ги имаме, сепак со највисок степен на интегритет врз основа на јавна проверка на изборниот материјал ДИК ги утврди фактите и одлучуваше по приговори поднесени од различни учесници за 110 избирачки места, од кои врз основа на образложени докази усвои приговори за само 7 избирачки места за кои имаше правен основ, додека сите останати 103 избирачки места, беа одбиени како неосновани и за нив немаше поднесено тужби ниту еден учесник на изборите, стои во реакцијата.

Според тоа за ДИК, како што се наведува, се неприфатливи и недопуштени нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд.

Посочуваат дека за сето ова на средбата во ДИК била известена и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР Џилијан Стирк.

Во соопштението до медиумите од ДИК не беше потпишана потпретседателката Дитмире Шеху, која доаѓа од ДУИ.

Премиерот на техничката Влада Талат Џафери завчера на прес-конференција соопшти дека имало договор за надгласување во ДИК за прифаќање на одредени приговори за изборните резултати и прегласување и оти на ваков начин се прави обид за изборен инженеринг за менување на бројките во Собранието и изигрување на волјата на граѓаните. Изборниот процес кој беше оценет како кредибилен и демократски, сега е во рацете на Управниот суд, рече Џафери и повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.

Претходно работата на ДИК ја критикуваше и Бујар Османи, портпарол на ДУИ и министер за надворешни работи.

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села синоќа изјави дека со приговорите до ДИК се прави изборен инженеринг од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Вреди за да се намали бројот на пратеници на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, во која учествува и крилото на партијата АА што тој ја предводи.

Според него, треба да се почитува „демографската реалност во Македонија“ и право да состави Влада има мандатарот и победникот на изборите. Народот на 8 мај, како што рече, гласаше за „Европскиот фронт“ да преземе одговорности и да биде на власт, а „за друг гласаше кој да биде во опозиција“.

Арбен Таравари од другото крило на Алијансата на Албанците, пак, во вчерашната изјава од Гостивар упати и порака до претседателот на Управниот суд посочувајќи дека вршел притисок врз судиите при одлучувањето во предметите поврзани со изборните нерегуларности.

Јас би му испратил порака на претседателот на судот да размисли дека не е убаво да се врши притисок врз судиите. Времето кога можеа да вршат притисоци веќе помина и ќе има нова влада којашто нема да дозволува вакви притисоци врз одлуките, рече Таравари и појасни дека судот треба да донесе правична одлука.

На ова одговори најнапред коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ нарекувајќи ја изјавата на Тараваи скандалозна и заканувачка, а потоа и претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини.

Европскиот фронт ги регистрираше овие закани и ја извести целата меѓународна заедница и сите локални и меѓународни институции за јавни изјавите со закани како и обидот за изборен инженеринг со надворешно-институционални меѓупартиски договори за гласање и надгласување во Државната изборна комисија како и со партиски притисоци до Управниот суд, посочија тие во соопштението.

Претседателот на Управниот суд Сејдини демантираше дека вршел притисок врз судиите во судечките совет кои одлучуваат за тужбите на Коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија за парламентарните избори. Тој оцени дека тврдењата на Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ се невистинити, инсинуации и клевети.

Денешното мое појавување во јавноста е во врска со јавните изјави на господинот (Арбен) Таравари дека има сознанија односно информации дека јас како претседател на Судот вршам притисок над судиите кои што ги ценам како комплетни невистини, како инсинуации и клевети врз мојата работа како претседател на Управниот суд, рече Сејдини на прес-конференцијата во Судот.

Се огласи и Здружението на судии на РСМ кое изрази загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се наведува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување. Во соопштението се оценува дека обвинувањата кон претседателот на Управниот суд се неосновани и даваат целосна поддршка на колегите од овој суд.

OhridNews